Австралиската држава Тасманија е едно од првите места во светот што постигна нето негативни емисии на јаглерод диоксид, односно количините на овој гас што се отстрануваат од атмосферата на нивната територија се поголеми од оние што се испуштаат, покажува најновата студија објавена во Enviromental Research Letters.
Студијата, спроведена од професорот Брендан Мекеј од Универзитетот Грифит и професорот Дејвид Линденмајер од Австралискиот национален универзитет, вели дека достигнувањето првенствено е резултат на намалената сеча, бидејќи биле направени драстични промени во управувањето со шумите во 2011 и 2012 година.
“Има огромна промена во емисиите на јаглерод диоксид. Тасманија премина од нето емитери на јаглерод диоксид и други стакленички гасови до отстранување на повеќе од нив отколку што испушта во атмосферата. Нето емисиите на Тасманија сега се негативни. Ова ни покажува дека промената во управувањето со шумите може да има значително влијание врз климатските промени“, вели коавторот на студијата, професорот Линденмајер.
Тасманија претходно имаше низок профил на емисија на стакленички гасови, бидејќи главно се снабдува со енергија добиена од хидроцентралите. Како резултат на тоа, главната причина за штетните емисии на гасови е сечата во домородните шуми.
“Како што е наведено во нашиот труд, значаен извор на емисии е дефорестацијата и уништувањето на шумите“, вели професорот Меккеј.
Уништувањето на шумите доведува до емисии, огромни количини на јаглерод во атмосферата, поради што авторите посочуваат дека управувањето со шумите е клучна компонента на климатските активности и дека другите земји и области треба да усвојат слични стратегии за да помогнат во исполнувањето на целите на Парискиот договор.
Тие велат дека ова е особено точно за места со застарена дрвна индустрија, наведувајќи ја како пример австралиската држава Викторија, која поради уништувањето на шумите секоја година испушта количества јаглерод диоксид еднаква на емисиите што ги произведуваат 730 илјади возила.
Експертите сугерираат дека фармите или насадите со дрвја би можеле да бидат доволни за да се задоволат побарувачката за дрво без уништување на домородните шуми и зголемување на емисиите.