Насловна / Вести / Тарифник за одговорност

Тарифник за одговорност

Перфорирани кровови, прокиснати подруми, потфрлени бетони, нерамни асфалти, сомнителни лифтови, лажни геомеханики, нефункционални инсталации, не(до)решени детали, урбанистички садизам, инвеститорски садомазохизам… Импровизации, дерегулации, политизации, шпекулации. Струкова депресија, општествена шизофренија. Маѓепсана спирала на континуираното уривање на инженерскиот идентитет. И архитектонскиот, се разбира.

Истовремено, еден долготраен меланхоличен крик за регулирање на цената на инженерско/архитектонските услуги. Попрецизно –  за усвојување на тарифник за нивните минимални цени. Како некаква непазарна мерка за делување во пазарно општество. Како одбрана од сопствената недоследност. Духовна причест по налетот на моралната хипокризија. Како своевиден инженерски дефетизам. Пораз без борба. Задоволување со малку. Со најмалку.

img_0928_resize

Не успеа градителството да го издржи транзицискиот земјотрес. Како впрочем и сите други дејности. Во новото општествено уредување, во кое капиталот, поточно личниот интерес покажа завидна умешност во поткопувањето на општествените темели, влеговме целосно неподготвени. Со застарена регулатива, мисловни грешки, дезориентирани. Податливи за (себе)манипулации.

Во такво опкружување, притиснати од суровата борба за опстанок, градителите продолжија да се движат по патеката со најмал отпор. Да паѓаат слободно удолу. Без влог во нови знаења, со релативизирање на сопствената одговорност останаа да егзистираат само на локалниот пазар, без амбиција, а објективно, со таков однос, и без реална можност за натпревар на глобалниот. Започнаа САМИ да си ги уриваат цените на услугите кои при тоа опсесивно го следеа падот на квалитетот на градителските дела. И обратно. Неквалитетот стана стандард, ниските цени алиби, очекувањата за квалитет сѐ помали, а инженерите и архитектите податлива жива мета за разноразни надмудрувања, поткусурувања, попувања…

Obikolnitsa_resize

Затоа, наместо за минимални цени, поцелисходно е да биде донесен тарифник за одговорност. Единствено воведувањето конкретна, правно прецизно регулирана одговорност за неквалитет на извршените услуги може да доведе до реално зголемување на цените на инженерскиот труд. Со ова би се елиминирал голем дел од  импровизациите, натрапниците, незнаењето, формалните договори, виртуелните заверки на проекти и ревизии, copy-paste техничките услови и многуте други девијантни, веќе одомаќени, појави. Проектанските и ревидентски тимови би биле побројни, знаењето конкурентно, а со тоа и можностите за грешки и пропусти помали.

Борбата за регулирани цени во пазарна економија е борба на апсурдот. Дури и појмовно гледано, инженерите и архитектите, како една од движечките сили во секое општество и цивилизација, не смеат да се стремат кон и да се задоволуваат со некаков вид минимум. Напротив. Тие треба и мора постојано да тежнеат кон повеќе, кон поквалитетно, кон максимум кој, се разбира, никогаш не може да биде достигнат.

Автор: д-р Горан МАРКОВСКИ, дипл. град.инж

2ilc2z9_resize

Еден коментар

  1. Profesorot e sushtinski vo pravo i idejata ja podrzuvam no toa bi znacelo da sozdademe inzenersko sudstvo koe ke sankcionira posledici nastanati od utvrdena ne/odgovornost i ke izrekuva kazni shto vo nashive uslovi ne mi e tolku logicno/ostvarlivo, no mi e poveke magino/posakuvano. Koga bi mozele site raboti da se opravaat so pravni akti kako pravilnik, pa i zakon….

Испрати коментар

Scroll To Top