На 8. Меѓународно графичко триенале во Битола годишен добитник на наградата Гран при е јапонскиот уметник Тамајоки Сакутас.
На овогодишното графичко триенале учествуваа 350 дела на уметници графичари од 62 држави во светот. Настанот се совпадна со прославата на Светскиот ден на музеите.
Оваа година, жирито беше составено од графичарот Паоло Чампини од Италија, Венцеслав Антонов, графичар и уметнички директор на графичкото Биенале во Варна, Бугарија, и Владо Ѓорески, раководител на графичкото триенале и кустос во НУ Завод и Музеј Битола.
Останатите награди отидоа кај Националната асоцијација за современа графика „Инцисјори“ од Рим, Фиренца, Венеција, на Милка Вујовиќ од Србија, кај Деница Јанева од Бугарија и кај Тодорче Атанасов од Словенија.
Меѓународното графичко триенале е најголема ликовна манифестација во Република Македонија. Оваа меѓународна графичка изложба која својот пат го започнува од 1995 година, е со цел да се видат современите графички случувања и развојни линии во светот.
Свое учество на ова триенале досега имаат земено над 80 држави од цел свет со околу 5.000 уметници.
Преку ова триенале, Битола е присутна и на други светски манифестации од овој вид.