По повод двегодишниот јубилеј од постоењето на студиото, како и освоената втора награда за конкурсот за нова Универзална сала во Скопје, организиран од Министерство за култура на РМ, архитектонското студио Тактик Архитектура, викендов во своите канцеларии ја организираше изложбата Тактик Потези. На изложбата беа презентирани 14 селектирани проекти, од кои 12 се реализирани, додека пак два од нив се конкурсни трудови.
Тактик Потези претставува изложба преку која се демонстрира суштината на најновите истражувања, соработки и реализации помеѓу клиентот и архитектот, во периодот 2011 – 2013 година.
Воведувајќи корисничка разновидност, програмска алхемија, локациска специфичност и социолошка проактивност, изложбата претставува рефлексија на процесите за материјализирање на идеите во конкретен простор. Различноста и посебноста се двата елементи кои ги поврзуваат претставените проекти.
Оваа изложба го дефинира првиот сеопфатен преглед на продукција на студиото Тактик Архитектура.