Насловна / Вести / Тајна врата и оптички илузии, употребени при реновирање на куќа во Амстердам

Тајна врата и оптички илузии, употребени при реновирање на куќа во Амстердам

Изненадувачки скриени соби кои овозможуваат целосен мир и оптички илузии за визуелно зголемување на просторот, се тајното оружје на архитектите употребено при реновирање на ентериерот на запуштена куќа во Амстердам. Реновирана и освежена, Canal House сега нуди возбудливо искуство на секојдневниот живот.

Сместена покрај живописен канал во Амстердам, оваа куќа со традиционална архитектура првично била изградена во 1675. година. Со текот на времето и поради несоодветно одржување речиси целосно пропаднала, што довело до нејзино целосно реновирање и прилагодување на модерното време.

2

Локалното биро i29, во соработка со тим од експерти, работеле на реновирање на куќата цели две години. Во тој процес добила изменет просторен концепт, отворени се нови перспективи, внесени се освежителни бои, а специфичен начин на истакнување, односно криење детали создал атмосфера на возбудлива игра и необично доживување на секојдневието.

1

СКРИЕНИ СОБИ И ТАЈНА ВРАТА

Во приземјето на куќата има кујна, која во средината има долг пулт од даб. Едната половина од пултот служи како трпезариска маса, додека другата половина е кујнски остров со шпорет, мијалник и работна површина за подготовка на оброци.

3

Веднаш зад пултот е темно зелен волумен, кој освен што визуелно ја продлабочува просторијата, на навидум неочекувано место, крие гостинска соба. Оваа соба има сопствено купатило и директен пристап до дворот, што им дава целосна удобност и приватност на посетителите кои престојуваат во неа.

4

Кујнскиот простор е со светли ѕидови, со бетон како завршна обработка. На него се надоврзува скалишен простор, во сиво обоено дабово дрво, што води до мал подест претворен во удобно катче за седење.

Смената на амбиентите и скриените простори се овозможени со издолжената основа, карактеристична за старите холандски куќи.

5

Скалите понатаму водат до дневната соба на првиот кат. Палетата на тонови и натаму е светла, со дрвени елементи и бело, аморфно осветлување. Меѓу само неколку парчиња мебел во дневната соба, се наоѓа и едноставна полица за книги.

6

Изненадувањето што го крие полицата е што со нејзино ротирање се отвора тајна врата која води во скриена просторија, соба во релаксирачки темно сини тонови, наменета за непречен одмор и читање.

7

ОПТИЧКА ИЛУЗИЈА И ТРИКОВИ СО БОИТЕ

Низ целата куќата, континуитетот на просторот е нагласен со препуштање на обоени површини и повторно користење на истите материјали. Боите во ентериерот користени се смело, експериментирајќи и создавајќи микроцелини само со помош на нивна промена. Така работната соба е можно да се доживее на различни начини, гледајќи ја од различни агли, а сето тоа благодарение на употребата на боја.

8

Додека поголемиот дел од просторот е сив, дел од таванот, подот и ѕидовите се обоени во жалфија зелена боја, а на нив продолжуваат работната маса и светилката во иста боја.

9

ВИЗУЕЛНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПРОСТОРОТ СО ПОМОШ НА ОГЛЕДАЛА

На вториот кат се наоѓа ноќната зона, и за разлика од досегашната едноставност, овде дизајнот е фокусиран на удобноста, обезбедувајќи луксузно искуство слично на престојот во хотел.

10

Главната спална соба, под оригиналната кровна конструкција, е одвоена од бањата со премин со огледала за визуелно зголемување на просторот и атрактивноста на амбиентот.

11

Ѕидовите на тушот направени се со двонасочни огледала, кои даваат директен поглед на каналите и го зголемуваат просторот.

Дизајнирано по углед на традиционална јапонска бања, избрани се самостојни кади и мијалник од дрво.

12

Сите интервенции на оваа шармантна куќа од 17. век се внимателно осмислени и направени по мерка. Тоа овозможило целосно вклопување во постоечкиот амбиент, а во исто време ја подигнало на едно ново ниво, приспособено и подготвено за идните генерации.

13 14 15 16 17

Испрати коментар

Scroll To Top