Минатата година Париз беше важна точка за уште еден светски познат архитект, за Тадао Андо. Беа организирани две негови изложби, една во Bon Marche, од 30 август до 18 октомври, и втората од 3 септември до 26 јануари годинава во Центарот Помпиду. Цртежи и модели од негови главни проекти беа претставени во Бобур, како дел од изложбата „Modernite plurielles“, а во Bon Marche беше прикажана неговата работа на островот Наошима (Naoshima). Навистина, 2014-та беше париска година за големиот јапонски архитект Тадао Андо.
Значајни години во животот и кариерата на планетарниот архитект Тадао Андо:
- 1941 година, роден во Осака, Јапонија
Според негови кажувања, желбата да стане архитект ја добил на 15-годишна возраст, после реновирањето на нивната стара куќа и доживувањето на нејзината метаморфоза. Школувањето на универзитет било финансиски неизводливо. Се обидувал да заработи на разни начини, дури и како боксер. Во една столарска работилница ја изучувал обработката на дрвото. Во исто време посетувал дополнителни часови по цртање. Постојано вложувал во своето самообразование. Тој е самоук архитект, без официјално архитектонско образование.
Музеј на современа уметност, остров Наошима, Јапонија
Една книга на Ле Корбизије, која ја открил во книжарница во Осака, создала желба да го запознае големиот архитект лично. Тргнал за Париз во 1965 година со транссибирската железница. Прво во Москва, па Финска, Швајцарија… во Париз стигнал на почетокот на септември. За жал, неколку дена по смртта на Корбизје. Неговото разочарување било големо. Не го запознал големиот архитект лично, но го открил Париз и вербата во хуманизмот на архитектурата. После посетата на Notre-Dame-du-Haut во Ronchamp на Корбизје, која била преполна со верници, открил дека архитектурата може да има посебна функција. Открил дека волумените и светлината се од суштинско значење. Посебно светлината што ѝ дава живот на архитектурата. Го продолжил патувањето… Африка, Индија, Сингапур… открил дека земјата е огромна…. ништо не личи на Јапонија. Желбата да биде градител останала, но по ова патување сфатил дека на општеството може да му се служи и преку архитектурата.
Храм на вода, Аваји остров, Хиого, Јапонија
- 1969 година, архитектонско биро Tadao Ando Architect & Associates
На дваесет и осумгодишна возраст го отворил своето архитектонско биро во Осака. Едноставност на волумени и форми, непрекинат дијалог со елементите: вода, небо, ветер … повеќе од 200 објекти и многу награди кои ја илустрираат оваа филозофија, се резултат на неговата досегашна работа. Индивидуални куќи, општествени објекти и мноштво музеи кои восхитуваат во Европа, во САД и посебно во Јапонија. Меѓу позначајните проекти се:
„Row House in Sumiyoshi“ (Azuma House) во Осака, двокатен бетонски објект завршен во 1976 година. Една од првите работи, за која добил признание од Јапонската асоцијација на архитекти. Објект во кој се појавува неговиот иден стил. Примена на мазни бетонски ѕидови, големи стаклени површини, доведување на природата во контакт со жителите.
Rokko Housing I,II и III, Роко, Кобе, Јапонија
Станбениот комплекс во реонот Роко, недалеку од Кобе, изграден е на планината Роко, на падина закосена шеесет степени, во три фази. Дизајнот на Rokko Housing I (1983), Rokko Housing II (1993) и Rokko Housing III (1999), илустрира примена на традиционални архитектонски тврди и меки материјали, контрасти на светло и темно, спротивности на отворено и затворено.
„Црква на вода“ (1988), христијанска црква на островот Хокаидо. Коцкаста, бетонска капела со еден цел стаклен ѕид, кој го води погледот кон езерото (формирано со пренасочување на природниот поток), кон челичниот крст во средина, кон далечината… Пејзажот го интегрира природниот амбиент, градината, водата и архитектурата. Се смета за ремек-дело на современиот јапонски пејзажен дизајн.
Еден од најпознатите дизајни на Андо е „Црквата на Светлината“ во Осака (1999). Мала христијанска црква, со површина од 113 м², која се состои од три бетонски правоаголни кутии (5,9 х 17,7 х 5,9), пресечени со ѕид под агол од 15º кој го дефинира влезот. Ремек-дело кое се вклучува во филозофските рамки на Андо помеѓу природата и архитектурата. Ја користи Зен филозофијата. Двојната природа на постоењето. Архитектура на дуалноста. Просторот во капелата е дефиниран од контрастот помеѓу отвореното и затвореното. Светлината влегува од отвор во форма на крст, во бетонски ѕид кој се протега вертикално од под до плафон, и хоризонтално од ѕид до ѕид. Овој пресек на светлината и ѕидот, создава свесност за длабоката поделба помеѓу духовното и световното во секој од нас. Преку светлината тој креира нови просторни перцепции, еднакви ако не и подобри од неговите бетонски структури. Во оваа минималистичка архитектура, празнината во вид на крст изведена во бетонски ѕид, ориентиран на исток, е единствен верски симбол во црквата. Карактеристика на ентериерот е длабоката „празнина“. Многумина велат дека е вознемирувачка. За Андо идејата за „празнина“ е нешто различно. Таа е наменета за преод во областа на духовноста.
Dream chair, Шишу музеј, Наошима, Јапонија
„Храм на Вода“ (1991) се наоѓа на северниот дел на островот Awaji, Hyogo, Јапонија. Помеѓу шума од бамбус, планини и полиња со ориз, се појавува езеро со лотосови цветови, затворени во овална бетонска конструкција. Формите се симболични. Некои скриени, некои јасни. Припаѓаат на будистичката доктрина на најстарата јапонска филозофска традиција. Лотосот е симбол на небото. Ја претставува појавата на Amida Буда, кој според верувањата носи порака од небескиот рај. Објектот претставува радикална промена во илјадагодишното градење на храмови во Јапонија.
Простор за медитација, Париз, Франција, 1995
Иако јапонските и христијанските цркви имаат различни карактеристики, Андо ги третира на сличен начин. Тој смета дека не треба да има разлика во проектирањето на верска или станбена архитектура. Живеењето во куќа не е само функционално прашање, тоа е и духовно. На духовните места луѓето наоѓаат мир во нивниот ум, како и во нивниот дом, во нивната татковина. Тој сака луѓето лесно да го доживуваат духот и убавината на природата преку архитектурата. Верува во неговата теорија за улогата на архитектурата во општеството.
- 1992 година, павилјон на Јапонија на Светската изложба во Севилја, Шпанија, и почеток на проектите на островот Наошима (Naoshima)
Павилјонот за меѓународната изложба во Севилја, Шпанија, во 1992 година, е негов прв објект изграден надвор од Јапонија и прв објект изграден од дрво. Четирикатниот Павилјон на Експо 92, се сметал за една од најимпресивните и најголемите дрвени градби на светот (60 х 40 х 25 м).
Почеток на проектите за островот Наошима, претставени на изложбата во Bon Marche, во Париз, во 2014 година. Од 1992 до 2010 година, Тадао Андо е учесник во реализацијата на возвишената идеја на Soichiro Fukutake, основач на Benesse Art Site Naoshima. Господинот Фукутаке, загрижен за иднината на регионот, успеал преку уметноста да го оживее островот Наошима и два негови соседни острови (Inujima и Teshima). На жителите на островите им дал поддршка за вработување и останување. На негово барање, генијалецот на јапонската архитектура Тадао Андо, на островот Наошима изградил четири музеи, хотели „Benesse Houses“ и една куќа на уметноста „Art Houses“. По дваесет и пет години, овие острови претставуваат уникатни уметнички места во светот. Универзум на убавина и длабоко спокојство. Андо вели: „Еден од моите предизвици беше дијалогот со природата, затоа моите дела речиси не се гледаат, тие се базирани на оваа област. Уметноста, земјата и пејзажот се целосно поврзани. Островот е место на кое секој може да размисли за својот идеален свет. Често се зборува за Зен, тој универзум е во нашето срце. Никој не може да го дефинира нашиот Зен универзум, секој го бара својот. Да се отиде во Наошима, е добра можност да се почне со ова истражување“.
Музеј на модерна уметност, Форт Ворт, Тексас, САД,2002
- 1995 година, награда „Прицкер“
За високи индивидуални достигнувања во областа на архитектурата, во 1995 година ја добил престижната Прицкерова награда. Целата награда во износ од 100.000 долари, Андо ја поклонил на настраданите од земјотресот во 1995 година, во Кобе.
Во 1995 година, во Париз, по повод педесетгодишнината од формирањето на УНЕСКО, Андо го дизајнирал познатиот простор за медитација, во кој луѓето од целиот свет, од сите раси и религии, можат да се молат за мир. На локација од 350 м², создал објект изграден од бетон, со површина од 33 м², во форма на цилиндер (дијаметар 6 м и висина 6 м). Чист и едноставен, апстрактен простор кој сугерира мир и духовна слобода.
Во годините што следуваат реализирал голем број значајни објекти низ целиот свет, за кои добил високи признанија. Некои од изведените проекти* и добиените награди** се дадени како прилог на овој текст.
„Црква на вода“, Хокаида, Јапонија, 1982
Доминантни материјали во неговите објекти се бетонот, стаклото и водата. Бетонот, симболичен материјал на 20 и 21 век, груб и тежок, во неговите конструкции е нежен како свила. Светлината, водата, ветерот и бетонот коегзистираат до совршенство.
Во областа на дизајнот на мебел, во 2013 година беше претставена столица од соништата (Dream Chair). Скулптурална дрвена столица, уметничко дело, дизајнирана од Тадао Андо за данскиот производител на мебел Carl Hansen & Son. Ова е прв дизајн на јапонскиот архитект наменет за производство, и прва соработка на данскиот производител со дизајнер кој не е од Данска. Идејата за нејзиното креирање е објаснета со „желбата на Андо да ги поттикне луѓето да одвојат повеќе време за сонување“.
Во досегашната кариера, тој предавал архитектура на Универзитетите Јеил, Колумбија и Харвард.
- 2014 година, две изложби во Париз
Денес тој е еден од најголемите. Неговото име е помеѓу десетте најголеми живи архитекти во светот. Париз му ги отвори своите порти. Центарот Помпиду и Bon Marche, во 2014 година организираа изложби на кои беа прикажани проекти, цртежи и модели, создадени од ѕвездениот јапонски архитект Тадао Андо.
На 72 години, после четириесетгодишна кариера, Тадао Андо го следи својот карактеристичен минималистички стил. Аскетски чисти форми, каде што убавината е водечка сила … кон хуманизмот во архитектурата што може да го промени општеството.
*Прилог на некои од изведените проекти на Тадао Андо
Пулицерова Фондација за уметност, Сент Луис, Мисури, САД, 2001година; Театар Армани, Милано, Италија, 2002 година; Зграда за модерна уметност во Форт Ворт, Тексас, 2002 година; Piccadilli Gardens, Манчестер, Англија, 2002 година; Фондација Langen, Нојс (Neuss), Германија, 2004 година; Центар за дизајн и современа уметност (21 21 Design Sight), Токио, Јапонија, 2007; Телевизиска кула, Небесно дрво, (Tokyo Skytree), Токио, Јапонија, 2009; Музеј Аурора, Шангај, Кина, 2013; Институт Кларк, Williamston, Масачусец, САД, 2014 година…
** Прилог на некои од добиените награди
Награда на Архитектонскиот институт на Јапонија, 1979 година; Japanes Cultural Design, 1983; Медал Алвар Алто, 1985; Награда на јапонското Министерство за образование, 1986; Mainichi Art Prize, 1985; Isoya Yoshida Award, 1988; Златен медал на Француската академија за архитектура, 1989; Art Priz, Осака, 1990; American Academy and Institute of Arts and Letters, 1991; Почесен соработник на Американскиот институт на архитекти 1991; Carlsberg Architectural Prize, 1992; Јапонска Гранд-при награда за уметност, 1994; Прицкерова награда за архитектура, 1995; Preamium Imperiale, 1996; British Architects Royal Gold Medal for Architecture, 1997, AIA златен медал, 2001…