Повеќе од 100.000 посетители заинтересирани за процесот на градење имаа можност да се сретнат и контактираат со 1.100 преставници на компании и излагачи на овогодинешниот Саем за градежништво во Базел, Швајцарија (Swissbau BASEL).
Саемот за градежништво во Базел кој се одржува веќе 60 години, на секои две години, оваа година се одржа во периодот од 12 до 16 јануари.
Главно мото на овогодинешниот саем беше „ПРОСТОР И СВЕТОВИ“. За таа цел беше презентиран фасцинантен свет на материјали, бои, форми и нови технологии.
Саемот во Базел преставува еден од најголемите саеми за градежништво во Европа. Посетителите имаа можност да се стекнат со сеопфатен преглед на градежниот пазар и да се запознаат со големиот број на најнови градежни производи и услуги.
Дијалогот и комуникацијата помеѓу излагачите, граѓаните, здруженијата, институциите и посетителите овозможуваше вистинска размена на знаењето и негува вмрежување.
Саемот беше пропратен со дебати, изложби и различни конкурси.
Фокус и теми за дебата на годинешниот саем беа почетната и континуирана обука, просторниот развој, најновите резултати при користењето на енергија, архитектура и планирање на просторот, конструктивните системи и материјали, користењето и одржувањето на објектите, дизајн и ентериер како дел од градежниот сектор, и инженерингот на градежните услуги.
Посебно беше даден акцент на најновите трендови за опрема на кујни и бањи.
Од многуте новини можам само да ги споменам новите дрвени конструктивни системи и фасадните системи. Со дрвени конструктивни системи беа презентирани индивидуални и колективни станбени објекти, што и не е нешто сосема ново, но проектот за изработка на дрвена повеќекатна гаража беше за прв пат презентиран на овој саем.
Фасадните системи се многу разновидни, секогаш повеќеслојни, но најмногу беа застапени вентилираните повеќеслојни фасадни системи со можност за избор и дизајн на различни завршни обработки.
Имаше толку многу нови градежни материјали и системи за градежништвото, што е тешко да се опишат во неколку реченици.
Саемот покажа дека можностите за инженерите, архтектите и дизајнерите се разнообразни и се поголеми и дека процесот на градење станува се поголем и покреативен предизвик, со различни и многу можности.
Пишува: Натка Ќосева