Насловна / Вести / Свлечиштата како природен геохазард: економски влијанија и можности за проценка

Свлечиштата како природен геохазард: економски влијанија и можности за проценка

Сцена од дебитантскиот филм на Квентин Тарантино беше исползувана за едно од првите т.н. „мемиња“ креирани на почетокот на пандемијата: човештвото е жестоко боксирано од коронавирусот, веднаш следуваат шлаканици од економска криза, а во заднина чека удар да зададе климата. За жал, во можност сме да сведочиме дека можат да дејствуваат и сплотено.

Во природата се познати голем број на т.н. „геохазарди“ кои претставуваат појави или настани што го деградираат квалитетот на околината и имаат одреден потенцијал за загрозување на луѓето, имотот и инфраструктурата. Најчести се поплавите, земјотресите, свлечиштата, снежните лавини, шумските пожари, сушите, вулканските ерупции, цунами брановите итн. Во најголем дел се генерираат како резултат на комбинација од неповолни природни фактори, а во одредени ситуации може да бидат предизвикани и од страна на човекот.

Без оглед дали се јавуваат парцијално или последователно, нанесуваат изразени економски штети. За илустрација на последиците од геохазардите во светски рамки, може да се напомене дека само во текот на 2020 година се регистрирани 313 природни катастрофи во 123 различни земји и региони: 193 поплави (61,66 %), 69 тајфуни и урагани (22,04 %), 19 позначајни свлечишта (6,07 %), 14 позначајни земјотреси (4,47 %), седум суши (2,24 %), шест многу големи пожари (1,92 %), три вулкански ерупции (0,96 %) и два настани на екстремни температури (0,64 %). Проценките покажуваат дека на таков начин, директно или индиректно, биле ефектуирани 98 милиони луѓе. Вкупните економски штети од овие настани се проценети на 173 милијарди долари, иако низ историјата се бележат и години каде овие бројки биле далеку поголеми. На европско ниво – според некои статистики – во последните три декади загубите се ценат на околу 400 милиони долари (и тоа само од поплави и земјотреси!).

СВЛЕЧИШТА

Нестабилностите на теренот, или попознати како свлечишта, во одредени региони од светот претставуваат доминантен вид на геохазард и се голем предизвик пред кој се исправени инженерите од повеќе технички области. По дефиниција, тоа се настани при кои доаѓа до откинување на лабилни делови од карпи или почви и нивно придвижување низ падините кон пониските делови од теренот. Тие се случуваат со или без предзнаци за поместувањето, и во терени кои се карактеризираат со неповолни геолошки, геотехнички и хидролошки услови. Најголем дел се иницираат после позначајни интензивни врнежи на дожд, брзо топење на снег, при земјотреси, големи шумски пожари (на пр., минатата година во Калифорнија) и сл., а во одредени случаи и како резултат на антропогени дејства. Големината им се движи од неколку метри кубни, па до повеќе милиони метри кубни. Се смета дека најголемото свлечиште се случило на планината Харт во – случaјно или не, најмалку населената држава во САД – Вајоминг, чиј волумен се проценува на повеќе од 2.000 km3, а материјалот се поместил дури 45 km, кој настан се одвил пред повеќе од 48 милиони години. За жал, САД и во современата историја го имаат приматот за најголемо свлечиште, активирано 1980 год., на планината Св. Елена, во рамки на вулканска ерупција.

За појави на свлечишта медиумите известуваат секојдневно од сите делови на светот. Се цени дека во периодот помеѓу 2004 и 2016 година, повеќе од 55.000 луѓе го загубиле својот живот во нив, без притоа да бидат анализирани свлечиштата предизвикани од земјотреси. Вкупните штети од свлечиштата биле проценети на околу 20 милијарди долари на годишно ниво.

текла_resize

Свлечиште во градот Санта Текла, во Ел Салвадор, појавено при земјотрес на 13.1.2001 год. (Извор: United States Geological Survey)

Sl.2_resize

Расчистување на свлечиште што блокирало автопат во Кумамото, Јапонија, 16.4.2016 год. (Извор:Associated Press)

Историјата бележи и масовни појави на свлечишта после случување на земјотрес, а еден скорешен пример е земјотресот со магнитуда од 7,8° по Рихтер, во Каикоура, Нов Зеланд, од 14.11.2016 година, при кој биле иницирани околу 10.000 свлечишта. Кај дел од нив, поради блокирани сообраќајници, помошта до населението или нивната евакуација, се одвивала по воздушен или морски пат.

Поради вакви појави, а особено кога се случува нивно повторување или проширување на зафатот – што не е ретко, во понатамошното планирање на сообраќајот особено внимание се посветува на економските и на временските загуби на засегнатото население, а еден од задоцнетите заклучоци е дислокација и изведба на алтернативен пат, за што примери се наоѓаат во Шкотска, Словенија и др.

n_zeland_resize

Свлечиште северно од Каикоура (Нов Зеланд) што оневозможило користење на државниот автопат бр. 1 (Извор: Environment Canterbury)

МАКЕДОНИЈА СПАЃА ВО ТЕРЕНИ СО ПРИРОДНИ ПРЕДИСПОЗИЦИИ ЗА РАЗВОЈ НА СВЛЕЧИШТА

За споредба, согласно неофицијални податоци, материјалните штети од геохазардите кај нас се ценат на повеќе милиони евра на годишно ниво. Имено, како резултат на сложените геолошко-тектонски, геоморфолошки, климатски и останати услови, и делови од територијата на Македонија спаѓаат во категорија на терени со природни предиспозиции за развој на свлечишта. Низ минатото, регистрирани се преку 600 такви појави кои на посреден или непосреден начин го загрозиле населението или инфраструктурата во земјата, нанесувајќи штети од најразличен обем: прекин на патен и железнички сообраќај, оштетување и рушење на индивидуални и колективни станбени објекти, оштетување и прекини на водоводна, комунална, гасоводна, телекомуникациска и електрична инсталација, деструкција на природен терен и обработливи земјоделски површини, загрозување на цели населени места или индивидуални куќи, а за жал, и загуби на човечки животи.

973golema_resize

Затрупан автомобил на патот Маврови Анови – Дебар, февруари 2013 год.

ma_anovi_resize

Блокирање на регионалниот пат Маврови Анови – Дебар, февруари 2010 год.

debar mavrovi anovi senecki livadi lancija_resize

Одрон на регионалниот пат Маврови Анови – Дебар, февруари 2013 год.

катлан_resize

Блокирање на автопатот Е-75 Катланово – Велес,  февруари 2013 год.

berovo_strumica_resize

Свлечиште на патот Берово – Струмица, март 2010 год.

odron-m.kamenica delcevo kaj kalimanci_resize

Одрон на регионалниот пат Кочани – Делчево, ноември 2013 год.

Odron Gostivar Kicevo_resize

Одрон на железничката пруга Гостивар – Кичево, март 2010 год.

brusnik_resize

Отсечен пат до село Брусник Битолско, април 2013 год.

VLUU L310W L313 M310W / Samsung L310W L313 M310W

Свлечишта на регионалниот пат М-5 Ресен – Битола, февруари 2010 год.

grupcin_resize

Одрон на автопатот Скопје – Тетово, кај с. Групчин, 2001 год.

Delcevo-Pehcevo 4 2013_resize

Одрон на патот Делчево – Пехчево, април 2013 год.

rudnik_sasa_resize

Предупредување за свлечиште на патот М. Каменица – рудник Саса, февруари 2014 год.

pelister_2010_resize

Свлечиште на патот кон детско одмаралиште на Пелистер, 2010 год.

кратово_resize

Свлечиште на патот Кратово – Пробиштип, 2011 год.

sv_petka_resize

Уништен пристапен пат до манастир Св. Петка, Оровник, 2010 год.

Со цел да се избегнат или редуцираат понатамошни социоекономски загуби од свлечишта, инженери од повеќе технички дисциплини вршат истражувања со помош на најсовремени методологии, инструменти, компјутерски модели, географски информациони системи (ГИС) и други алатки.

Проценката, детекцијата, карактеризацијата и мониторингот на свлечиштата се сметаат за мултидисциплинарни задачи кои се реализираат првенствено од страна на геотехнички инженери, а во тесна соработка со геолошки, градежни, геодетски, шумарски и други инженери. Потребата од деталноста при анализите придонела да се развијат повеќе поддисциплини за карактеризација на свлечиштата, па така на сите континенти се отворени поголем број на центри за истражување. Воедно, постојат и специјализирани здруженија и организации на инженери посветени на проблематиката на свлечиштата на глобално и на регионално ниво: International Consortium on Landslides, Adriatic-Balkan Network итн. Во нив се вклучени и компетентни лица од нашата земја.

ПОЗНАВАЊЕТО НА ТЕРЕНОТ ОД ДОМАШНИТЕ ИНЖЕНЕРИ Е ОД НЕИЗМЕРНО ЗНАЧЕЊЕ

Една од нивните препораки е актуелната светска практика и тренд: изработка на т.н. катастри на свлечишта и соодветни карти на подложност, хазард и ризик од свлечишта. Пример за ваква карта за територијата на Македонија, подготвена во ГИС, е прикажана на следната слика. Која и каква методологија ќе се примени зависи од локалните и од регионалните услови на анализираното подрачје, па согласно на тоа, познавањето на теренот од домашните инженери е од неизмерно значење при кои било анализи!

MAC_resize

Карта на подложност кон нестабилни појави за територијата на Македонија (Извор: ELSUS1000 Верзија 1, според Gunther et al., 2013.)

На следните слики се прикажани неколку можни начини на детекција на свлечишта од различни извори на податоци и информации.

A_resize

А

B_resize

Б

V_resize

В

G_resize

Г

Примена на алатки за детекција на нестабилности на терен: а) детекција на одронување со помош на топографски карти во размер 1 : 25000; б) детекција на карпесто обрушување со помош на Google maps; в) детекција на плитки свлекувања; г) детекција на одрони со помош на ГИС-платформата на Агенцијата за катастар на недвижности на РМ

Со соодветна изработка, користење и правилно толкување на наведените карти, се создава можност за релативно прецизна проценка каде во иднина би можеле да се јават нови нестабилности. Со тоа се подобрува ефикасноста на службите за заштита и спасување, се предвидуваат навремени превентивни мерки и се дефинираат подрачја во кои не треба да се развива инфраструктурата или пак каде треба да се води особена сметка во поглед на соодветното фундирање и заштита на објектите од геотехнички и градежен аспект. Голем број на земји во светот, користејќи ги податоците од катастрите и картите на свлечишта, имаат воведено законска регулатива со која се утврдува т.н. прифатливо ниво на ризик од свлечишта. Станува збор за дефинирање гранични услови и критериуми за тоа колкаво ниво на опасност од свлечиштата е прифатливо. Сите симулации се вршат со податоци добиени од геотехничките истражувања на карпите и почвите, метеоролошките услови, состојбата на подземните води, наклонот на теренот, покриеност со вегетација, земјотреси и бројни други фактори на средината. Најмногу во овој поглед имаат постигнато Кина, Австралија, Канада, Нов Зеланд, Норвешка, Швајцарија, неколку земји од ЕУ, Малезија итн., каде во законите се воведени јасни и строги мерки за ограничување подрачја во кои е забранета изградба на објекти или дури и движење на лица, пропишан е начинот за заштита во претходно изградени подрачја, дефинирани се услови при кои се издаваат аларми за евакуација во потенцијалните ризични подрачја итн.

МАЛ БРОЈ НА СТРУЧНИ ЛИЦА ОД ОВАА ОБЛАСТ ВО ЗЕМЈАТА

Со дел од овие странски институции и установи се воспоставени тесни соработки и извршен е одреден трансфер на знаења и искуства, што значајно придонесе кон делумно поставување на темелите за такво нешто и во Македонија. Сепак, поради сериозноста на проблемите поврзани со свлечиштата, нивната честа застапеност, потребата од посериозен третман на сите нивоа, и особено, малиот број на стручни лица од оваа област во земјата, неопходно е системот да продолжи да се надградува. За таа цел, треба да се забрза процесот за систематско институционално покривање, концентрирање на знаењето, редовно стручно и квалитетно кадровско освежување и унапредување, како и стратешко планирање на образованието и долгорочната едукација, што би бил концепциски состав на „вакцината“ против свлечишта.

Автори: вонр. проф. д-р Игор ПЕШЕВСКИ, дипл. инж. геол.

вонр. проф. д-р Јован Бр. ПАПИЌ, дипл. град. инж.

Градежен факултет – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Катедра за геотехника

Испрати коментар

Scroll To Top