Иако бетонот е градежен материјал кој највеќе се употребува поради своите механички карактеристики, сепак, има еден голем недостаток – не подлежи на свиткување. Тој има висока цврстина при притисок, а релативно мала цврстина при затегање. Како одговор на оваа состојба, создаден е свитлив бетон, и неговите карактеристики се подобрени во последните неколку години. Меѓутоа, истражувачите од Swinburne University дополнително го подобриле овој „рецепт“, намалувајќи ја енергијата потребна за производство на материјалот, и намалувајќи ја емисијата на јаглерод диоксид во текот на производството. Тие развиле нов вид на бетон кој не само што може да се свитка, туку и не содржи цемент кој е одговорен за загадувањето на животната средина. Имено, цементот е најголемиот загадувач во производството на бетон. За производството на цемент потребни се високи температури, па се трошат големи количини на енергија и соодветно на тоа емитува сериозни количини на гасови со ефект на стаклена градина. Но, овој новоразвиен бетон е во целост без цемент, односно користи производи како „летечка пепел“ и нуспродукти од електраните на јаглен. Овој геополимерен композит, е далеку поприфатлив за животната средина.
Еден од авторите на студијата, тврди дека производството на овој нов бетон бара околу 36% помалку енергија и емитува до 76% помалку јаглерод диоксид во однос на „стандардните“ видови бетон кои имаат способност за свиткување. Тој додава дека резултатите од испитувањата покажале дека новиот бетон е околу 400 пати посвитлив од стандардниот, а има слична цврстина. Дури и ако се случи новиот материјал да пукне, малите полимерни влакна во смесата ќе обезбедат да не се скрши. Истражувачкиот тим вели дека овој вид бетон е идеален за изградба во трусни подрачја. Истражувањето е објавено во списанието Construction and Building Materials.