Повеќе од 100 светски лидери ветија дека до крајот на деценијава ќе ги запрат и ќе ги променат трендовите за уништување на шумите и деградација на почвата, а тоа ќе биде поддржано и со 19 милијарди долари јавни и приватни средства.
Декларацијата за користење на шумите и земјиштето ќе покрива шуми со вкупна површина од околу 20 милиони квадратни километри, а заедничката изјава на конференцијата за климатски промени (COP26), која се одржува во Глазгов, ја поддржаа и Бразил, Индонезија и Демократска Република Конго, на чии територии се наоѓаат големи пространства шуми.
“Ова е историски договор за заштита и обнова на шумите на Земјата. Овие катедрали на природата се белите дробови на нашата планета“, изјави британскиот премиер Борис Џонсон, кој е домаќин на самитот. Тој додаде дека со ова се добива можност да се запре долгата историја на човештвото како освојувач на природата и наместо тоа да стане нејзин чувар..
Според непрофитната организација Светски институт за ресурси (СИР), шумите апсорбираат околу 30 отсто од емисиите на јаглерод диоксид.
Сепак, овој „природен климатски тампон“ брзо исчезнува, а според податоците на СИР, светот во 2020 година загубил 258 илјади квадратни километри шума, што е подрачје поголемо од Обединетото Кралство.
Договорот во голема мера ја проширува сличната заложба претходно преземена од 40 земји во рамки на Декларацијата за шуми во Њујорк во 2014 година и оди подалеку од кога било во одредување на ресурсите за постигнување на таа цел, пишува агенцијата Ројтерс.
Според договорот 12 земји, вклучувајќи ја и Британија, се обврзаа да обезбедат 12 милијарди американски долари јавно финансирање меѓу 2021 и 2025 година за помош на земјите во развој, вклучувајќи напори за обнова на деградираната почва и сузбивање на пожари.
Најмалку дополнителни шест милијарди долари би обезбедиле над 30 вложувачи од приватниот сектор, вклучувајќи ги копаниите Авива, Шродерс и АХА.
Вложувачите, исто така, се обврзаа дека до 2025 година ќе запрат со вложување во активности поврзани со уништување на шумите, што се однесува и на производството на говедско, масло од палма, соја и пулпа.
Ќе се формира и фонд од 1,1 милијарди фунти за заштита на втората по големина тропска прашума во светот – во басенот на Конго.
Двонеделниот самит во Глазгов се смета за клучен за да се стават климатските промени под контрола, а најважна цел на конференцијата е да се донесат одлуки со кои растот на температурата би се задржал на максимално 1,5 степени во однос на прединдустрискиот период.