Денес, 5-ти јуни, се навршуваат 50 години од почетокот на одбележувањето на Светскиот ден на животната средина. Оваа година, домаќин на настанот е Брегот на Слоновата коска во партнерство со Холандија. Темата на јубилејот е загадувањето со пластика и како да се победи, а се промовира со хаштагот #BeatPlasticPollution. Годишно се генрираат 430 милиони тони пластика, која обично после само една употреба станува отпад. Принципите на циркуларната еккономија можат да дадат одговор на тој предизвик. Животот на голем број видови животни и растенија е загрозен поради пластиката. Од 19 до 23 милиони тони пластичен отпад завршува во водите. Производството на пластика е исто така голем причинител за климатските промени. Станува збор за еден од енергетски најинтензивните индустриски процеси. Учествува со 6% во светската потрошувачка на нафта.
Микрочестичките од пластика, човекот може да ги внесе во телото преку дишењето, кожата, па дури и преку плацентата или мајчиното млеко. Некои од хемикалиите во микропластиката се поврзани со сериозни здравствени проблеми. Програмата на Обединетите нации за животна средина (UNEP), наведува дека пластичните производи е неопходно да се употребуваат повеќе пати и да се рециклираат, како и да се пронајдат алтернативни материјали за нив. Но, за примена на алтернативни суровини и материјали, неопходни се промени во областа на потрошувачката, кај потрошувачите и во регулаторното опкружување, истакнува UNEP.