Светската изложба EXPO 2017 која започна мината седмица во Астана, Казахстан, е во знакот на енергетиката и енергетската ефикасност. Овогодишниот EXPO ќе трае до 10 септември и носи наслов „Иднината на енергијата“. На светската изложба учестувуваат над 100 држави и меѓународни организации, и се очекува да придонесе за зајакнување на свеста за енергијата. Според замислата на организаторот, EXPO треба да испрати сигнал до светот за обединување во борбата со климатските промени. Изложбата се простира на површина од 25 хектари, а павилјоните се наредени во облик на турбина. Таквиот дизајн симболизира ветротурбина или хидротурбина, со што се укажува на значењето на обновливите извори на енергија.
Во центарот на изложбата е сместен казахстанскиот национален павилјон во облик на сфера под името “Nur Alem“. EXPO ќе промовира обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, електричен транспорт и енергетска сигурност. Исто така, ќе се укаже и на негативните последици од фосилните горива и глобалното затоплување.