Температурите во европа, како што се наведува во Извештајот за состојбата на климата во Европа, во последните три децении пораснале два пати повеќе од глобалниот просек. Светската метеоролошка организација предупредува дека екстремните жештини, шумските пожари, поплавите и другите последици од климатските промени ќе влијаат врз општеството, економијата и екосистемите.
Извештајот за состојбата на климата во Европа, кој е подготвен заедно со Службата за климатски промени на ЕУ – Copernicus, е фокусиран на 2021 година. Извештајот содржи информации за растот на температурите, топлотните бранови на копно и море, екстремните временски прилики, променливите обрасци на врнежи и топење на снегот и мразот. Станува збор за прво издание на ваков извештај, и секоја година ќе излегува ново. Температурите во Европа растат со просечна стапка од околу +0,5 степени секоја деценија, а како резултат на тоа алпските ледници изгубиле 30 метри во дебелина во периодот од 1997 до 2021 година. Ледената покривка на Гренланд се топи и придонесува за забрзување на порастот на нивото на морињата. Временските и климатските непогоди довеле до стотици смртни случаи, директно влијаеле врз повеќе од половина милион луѓе и предизвикале економска штета повисока од 50 милијарди долари. Околу 84% од тие непогоди претставувале поплави или бури, се вели во извештајот.
Генералниот секретар на Светската метеоролошка организација Peteri Taalas, рекол дека Европа преставува жива слика на светот кој се загрева и потсетува дека ниту добро организираните општества не се безбедни од последиците на климатските промени. Оваа година, како и во 2021 година, големи делови од Европа биле погодени со топлотни бранови и суши. Директорот на Службата за климатски промени Copernicus, во Европскиот центар за временски прогнози од среден домет (ECMVF), рекол дека потребата од климатските податоци расте, со оглед на се повидливите последици од климатските промени, а извештајот има за цел да го премости јазот помеѓу податоците и анализата, како и обезбедување на квалитетни информации за донесувачите на одлуки во сите сектори.