Насловна / Архитектура / Борис Чипан: Светол момент

Борис Чипан: Светол момент

Поттикнати од сите случувања поврзани со Градскиот трговски центар (ГТЦ), неодамнешните интервенции, сите активности, укажувања и апели за спас на објектот, впечатокот и понатаму е дека на ГТЦ никако да му се помогне. Никако да се сфати зошто е тој толку значаен, зошто им е важен на граѓаните, зошто му е неопходен на Скопје. По тој повод Редакцијата на Порта 3 одлучи да објави текст од големата личност, професор и архитект Борис Чипан. Овој текст е објавен во весникот „Политика“, рубрика култура, број 1 084 во една сабота на 29 мај 1976 година, на ист датум кога излезе и последниот број на Порта 3. Искрено се надеваме дека текстот ќе помогне во разбирањето што всушност е ГТЦ.

Текстот ви го пренесуваме во целост.

Ансамблот на Градскиот трговски центар во Скопје е архитектонско остварување кое непрекинато ме возбудува и тера на размислување. Тоа не е архитектура во смисла на наследени и сè уште живи заблуди, со кои нè воспитуваа (кунст)историчарите. Проучувајќи ги „големите дела“ на антиката и ренесансата, погрешно нè научија во архитектурата да ја гледаме декоративната површина, а не просторот, да ја цениме естетски, а не социолошки. Нивна заслуга е што општеството сè уште мисли дека архитектурата е работа на архитекти. Тоа исто општество, рамнодушно го прифаќа секој простор во кој може да се всели, за потоа да ја фали или критикува неговата надворешност и со обилна стручна рецензија на архитектите, ја наградува архитектурата која „достигнала високо ниво на пластично обликување и е значајно достигнување во естетскиот израз“.

1

Зарем после сè, нели е парадоксално дека со револуција соборивме и неповратно осудивме историски минати општествени формации, додека во архитектурата ништо не се промени. Го одземавме производството и профитот на капиталистите, кои градеа „велелепни“ палати и ги соборивме апсолутистичките тирании, кои со народни пари создаваа монументални градски ансамбли и споменици. Во производството се бориме секој динар најдобро да го искористиме, а во планирање на архитектурата се однесуваме, како тој ист динар да не е наш.

4

Современата архитектура се диференцира во регионални (или национални) школи на основа на климатските, природно-морфолошки и историски особености. Сфативме конечно, дека климата и природата не се секаде исти, но со историските специфичности сè уште сме на лабилен терен. Што ние всушност сакаме од традицијата? Современиот живот, физички и социолошки потполно се измени. Остана единствено човекот со вечни потреби за меѓусебно контактирање, но во услови на речиси потполна физичка дезинтеграција. Тој е истеран од плоштадите, улиците и тротоарите, кои сувероно ги освои автомобилот. Затоа денес од традицијата го сакаме единствено она што слатките отрови на модерната цивилизација подмолно ни го одземаа. Додека ги немаше нив во овие историски епохи, човекот имаше и за себе и за средба со друг човек, простор во градот и простор во архитектурата. Дури сега ни станува јасно дека градовите не се монументи и дека архитектурата не е само естетска категорија. Тие се пред сè простор за потребите на човекот.

8

Од ова се роди функционализмот како правец, кој на крајот на краиштата, единствен од сите „изми“, остана како животворна ориентација, но неговото делување го стеснивме на технолошките аспекти на поедини објекти. Фасцинирани со новото мото на модерната технолошката револуција, повторно се запоставени потребите на човекот. Опасно е општеството и архитектурата повторно да се раздвојат. Како во фараонски услови, архитектот сè уште се обидува себеси да се стави во центарот на животните случувања. Тој останува трагично непризнаена величина, со што сака од себе да ја симне одговорноста, а општеството сè уште ја толерира неговата изолираност, наместо, пред сè, да го впрегне во програмирање на човековите потреби.

2

Бидејќи Трговскиот центар во Скопје сè ова не е, токму затоа ми изгледа како светол момент на современата архитектура.

Со сплет на исклучителни околности, тој не е еднозначна функција во онаа смисла во која го расцепкавме градскиот живот, во изолирани, ладни, анализаторски и технолошки поединости. Во ансамбл, тој е збир на многу такви функции, домување, трговија, забава и култура. Во фаза на програмирањето, исклучителна околност е дека кај финансирањето се судрија дијалектичките интереси на поголемиот број коинвеститори од што се роди демократски интерес со најголема рационалност и е исклучен, лекомислениот однос на еден претенциозен „мал тиранин“. Од сосема други, може да се каже, луцидни интереси, од проектирањето е исклучен „архитект примадона“ и создадена е група, составена од повеќе проектантски организации. На оваа задача интересите на општеството и архитектурата се сретнаа на извонреден начин.

5

Пет изолирани станбени деветокатници, опфатени се со двокатен организам на трговски, угостителски, производни, забавни и културни функции. Конечно и автомобилот е пикнат во длабоко подземје. Овој огромен ансамбл се потпира од едната страна на пешачкиот кеј покрај Вардар, а од другата на градски парк. Тој простор живее од утро до доцна во ноќта. Со купување човекот среќава пријател и разговараат на клупа или во гостилница. Во предвечерието се полни со млади кои сè уште не се заробени со автомобил или телевизија. Во паркот се слуша детски џагор и преку овој простор се прелива до кејот. Обично, изолираниот продавач или занаетчија има можност да здивне од работата на масичка на тротоарот на соседната слаткарница. Во суштина, ова е модерен еквивалент на сентиментално драгиот и веќе исчезнат живот во чаршијата. Единствено вака и може да се сфати поуката на традицијата како обнова на просторот за вечните човекови потреби, а не низ материјализирана форма.

6

Сè што овој ансамбл има како најзначаен квалитет, тоа е невпечатливата симбиоза на животот. Поради тоа нема фасада и поради тоа не може да се анализира и цени врз основа на заблудите на естетицизмот. Тој не може да се презентира на слика и на дводимензионална репродукција. Може само да се доживува. Наспроти архитектурата на формата, која сакаме да ја надминеме, тој извонредно ја илустрира архитектурата на животот.

проф. Борис ЧИПАН, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top