Холандскиот дизајнер Сајмон Хајденс, кој живее и работи во Лондон, креира современа светлечка инсталација за познатиот произведувач на шампањ Perrier-Jouet.
Неговата работа е комбинација на уметност, вештина, дизајн и нови техники, а резултатот е возбудлив приказ на она што претставува Art Nouveau за 21 век. Оваа современа светлечка инсталација наречена Phare No.1-9 е составена од девет садови рачно направени од дувано стакло, кои содржат проѕирна течност. На врвот на стаклениот сад се наоѓа извор на светлина што ја осветлува течноста и креира одреден шаблон, кој се проектира на ѕидовите и подовите од белата соба.
Хајденс го истражува секојдневниот живот, со цел да се открие скриената суштина на просторот и предметите кои секојдневно ги употребуваме. Phare No.1-9 го претставува самото јадро на движењето Art Nouveau и принципите на дизајнирање на уметнички предмети,односно спојување на органското со авангардните технологии.