Поштата на Црна Гора издаде серија поштенски марки насловена „Уметноста во Црна Гора низ вековите“. Меѓу другите значајни уметници од различни сфери, свое место во едицијата доби и Светлана Кана Радевиќ (1937-2000), една од најзначајните архитекти во Црна Гора. „Таа со својата работа го одбележа модерното движење во Црна Гора и постави стандард кој тешко се достигнува“, велат од Пошта Црна Гора.
Карактеристика на нејзините архитектонски достигнувања е изборот на материјали и активното учество во креирањето на амбиентот.
Меѓу најзначајните дела на Светлана Кана Радевиќ се: хотел „Подгорица“, Автобуска станица во Подгорица, Хотел „Мојковац“, Спомен – комплекс на Барутана, детска градинка на Цетиње.
Добитничка е на повеќе признанија и награди.
Дизајнерското решение на марката е направено од Романа Пехар, сликарка од Котор. Марката е со димензии 35,00×29,00 мм, а издадена е во тираж од 80.000 серии.