Во Музеј на град Скопје, во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) и Архитектонската aкадемија (АА) се одржа свеченост по повод примањето на архитект Георги Константиновски во МАНУ како почесен член.
Асоцијацијата на архитекти на Македонија му врачи благодарница за целиот вложен труд на архитект Георги Константиновски.
На свеченоста говореа претседателот на ААМ, архитект Сања Раѓеновиќ Јовановиќ и претседателот на АА, архитект Вера Ќосевска.
Архитектот Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ во своето обраќање посочи дека Константиновски е еден од тие професори кои оставиле огромна трага во нејзиниот живот и во начинот на размислување како архитект, но и како човек.
Според Раѓеновиќ-Јовановиќ, членувањето на Георги Константиновски во МАНУ е најубавото нешто што и се случило на архитектурата кај нас во последните децении.
„Архитектот Константиновски е еден од тие професори кои оставиле огромна трага во мојот живот и во мојот начин на размислување како архитект, но и како човек. Тој на предавањата беше секогаш одмерен, строг, дистанциран. Сфатив дека е тој професорот од кого највеќе сум ја научила архитектурата. Ја имав и таа среќа подоцна преку работа да го запознаам и малку приватно. Тоа беше еден сосема различен човек од мојот строг професор, полн со дух и весели шеги. Тие два лика на професорот составени заедно создаваат совршена личност“, рече Раѓеновиќ-Јовановиќ.
Од името на Архитектонската академија при ААМ, на свеченоста свое обраќање имаше претседателката Вера Ќосевска. Архитектот Ќосевска истакна дека за ликот и творештвото на Георги Константиновски е пишувано многу.
„Тој е личност позната и ценета далеку надвор од нашето опкружување. На Белградското триенале во 1991 година, архитектот Константиновски е посочен како најдобар архитект во поранешната држава Југославија и еден од 55 најдобри светски архитекти“, потенцираше Ќосевска.
Потсетувајќи ги присутните за проектите и остварувањата на авторот, Ќосевска истакна дека Константиновски поседува три стручни квалитети: „Тој е творец, професор – научник и публицист. Во секоја од овие области тој го достигнува врвот. Како творец остварува дела кои се референтни точки во архитектонскиот израз. Неговите објекти изградени во втората половина на минатиот век се симболи на тоа време“.
Според Ќосевска, нема ништо подобро да се каже за ликот и делото на Георги Константиновски и неговиот однос кон архитектурата од неговите мисли и зборови, а тоа е „архитектурата е симфонија во просторот, која треба да го исполнува окото, душата и срцето“.
На крајот, свое емотивно и кратко излагање имаше и самиот академик Георги Константиновски, кој им се заблагодари на присутните, особено на своите студенти од сите генерации на кои им предавал, со кои подоцна и соработувал, и на крајот ги повика колегите од професионалната фела да се зачленат во Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), се со цел да се подигне нивото и квалитетот на асоцијацијата.
Фото: Ангел Ситновски, дипл.инж.арх.