Насловна / Архитектура / Свечено доделена наградата „Андреја Дамјанов“ на архитект Здравко Рафаиловски

Свечено доделена наградата „Андреја Дамјанов“ на архитект Здравко Рафаиловски

Вчера во галеријата на МАНУ на пригодна свеченост претседателот на ААМ Мишко Ралев му ја врачи наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“ за 2023 година на архитектот Здравко Рафаиловски, како признание за особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството. Оваа награда ја доделува Асоцијацијата на Aрхитекти на Македонија (ААМ).

IMG_20240222_200734

Комисијата за додела на наградата во согласност со Одлука на УО на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, како самостојно стручно тело работеше во петчлен состав: пофесор Зорица Блажевска, Биљана Филиповска, Горан Мицковски, Бекир Адеми и Ангел Ситновски – претседател на жирито.

IMG_20240222_195901

На свеченоста претседателот на комисијата во своето обраќање пред присутните изјави: „Неговите објекти ги гледам како одговор на комплексниот сет на потребите на тогашното општеството, не само како субјективно обликувана и естетизирана сценографија на просторот. Посветеноста во разбирање на архитектурата и изградбата на објектите кои се по мерка на корисниците, по мерка на просторот и по мерка на опкружувањето беа во фокус на неговиот архитектонски опус, кој е препознатлив и кој е резултат на активното и посветено размислување за сложените проблеми на времето во кое се создадени“.

IMG_20240222_200401

Здравко Рафаиловски е роден 1951 година во с. Нистрово, Гостиварско.  Дипломирал во 1975. година на Архитектонско – градежниот факултет во Скопје на тема „Собрание на градот Гостивар“, под менторство на професорот Борис Чипан. По дипломирањето започнува да работи во оперативата на  ГП „Гранит“ од Неготино за по два месеца истата година да премине во градежното претпријатие „Маврово“ во проектантското биро „Мавровопроект“, подоцна „Прима инженеринг“, каде останува се до своето пензионирање. Тука започнува неговата долгогодишна проектантска работа, кога проектира многу објекти. Како млад архитект Здравко Рафаиловски влегува во тим кој го водат одговорни архитекти со искуство и знаење, со лојални, денес заборавени техничари – тогашни носители на онаа цртачката работа, кои имаа огромно искуство во изработка на техничјата проектна документација.

IMG_20240222_195622

Својата професионална кариера ја започнува најпрво како проектант – соработник, а потоа кон крајот на седумдесеттите и сè до средината на осумдесеттите професионално многу соработува со архитект Донка Петкова-Костиќ, која имала особено влијание на неговото профилирање како проектант. Напредува низ кариерата и станува главен проектант – раководител на творечкиот архитектонски процес.

IMG_20240222_200143

Проектантската активност на Здравко Рафаиловски е богата и разновидна со фокус на комерцијалните и деловни центри. На листата на неговите архитектонски реализации се објекти во Македонија, но и надвор од границите на нашата земја. Негови објекти има и во други земји: Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Русија и во Либија.

Придонесот на Рафаиловски за архитектурата, освен преку неговиот обемен проектантски опус е и преку неговите активности и заложби како технички директор на  „Мавровопроект“ и „Прима инженеринг“ во периодот од 1994. до 2015. година.

IMG_20240222_200447

Позначајни реализирани објекти

  • Хотел, Крива паланка, 1975
  • Дом на пензионери, Пробиштип, 1976
  • Работничка населба „Фени“, Кавадарци, 1976
  • Дом на култура, Демир Хисар, 1976
  • Станбени објекти, населба Аеродром, Скопје, 1977-80
  • Станбено деловен комплекс „Карпош 4“, Скопје, 1979-82
  • Станбени објекти, Сурдулица, Србија, 1983
  • Народна библиотек, Сурдулица, Србија, 1984
  • Школски објект, Мисурата, Либија, 1984
  • Деловно – трговски центар „Мавровка“, Скопје, 1985-90
  • Управна зграда „Унис“, Сочи, Русија, 1989
  • Лечебен корпус за санаториум „Запољарие“, Сочи, Русија, 1989
  • Деловен – трговски центар „Шехерезада“, Битола, 1992-94

Рафаиловски учествувал и на многу македонски и југословенски конкурси на кои освојувал награди, како што се: Спомен дом Шавник, Црна Гора – откуп; конкурс за станбен комплекс А3, Ново Лисиче, Скопје – Прва награда; Конкурс за станбено објект, Ресен – втора награда и многу други.

Награди и признанија

  • Гран при на БИМАС 1993 за деловно – трговски центар „Мавровка“, Скопје
  • Благодарница од ГРО „Маврово“ за повеќегодишно успешно работење

фото: КИРО ПОПОВ

 

Испрати коментар

Scroll To Top