Архитектот Ранчо Христов е добитник на наградата „Андреја Дамјанов“ за животно дело, особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството за 2021 година, која ја доделува Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ).
Вчера во присуство на голем број колеги и пријатели на свеченоста која се одржа во салонот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) му ја врачи наградата „Андреја Дамјанов“ на лауреатот, архитект Ранчо Христов.
Христов е роден 1951 година во Скопје, каде завршил основно образование и гимназија „Орце Николов“. Во 1976 година дипломирал на Архитектонскиот факултет во класа на професор Љубен Најденов на тема, Крематориум градски гробишта Бутел, Скопје. За време на студиите се занимава со графички дизајн во склоп на групата „Дизајн Фарабо“.
Од 1973 година со своите пријатели ја оформува неформална студентска група „АЈВАР“ – „Подрум кај Симе“, каде зедно работи и студира со Симон Узуновски – Симе, Миодраг Радоњиќ – Бато и Стеван Смилевски – Кокан. По завршување на студиите студентската група прераснува во Конкурсна „Група АЈВАР“ со архитектите Ранчо Христов, Миодраг Радоњиќ – Бато, Стеван Смилевски – Кокан, Мартин Гулевски, а со групата повремено работат и Крсте Џидров – Џиби, Влатко Коробар и Слободан Живковски.
По дипломирањето работи во 1976 година се вработува во проектантското биро „Алумина Енергоинвест“ во Скопје, а од 1981 до 1991 година работи како проектант во „Мавровопроект“, Скопје.
Од 1991 година е партнер во првото приватно архитектонско биро кај нас, „Ателје Ајвар“, каде со вработените и дел од Групата „Ајвар“, како надворешни членови на проектантскиот тим, соработува се до 2001 година.
Од 1995 година е еден од основачите на „Компанија Х.Р.Р.М“, како инвеститорска и градежна фирма партнер на „Ателје Ајвар“. До пензионирањето во 2017 година со колегите работи на проектирање, инвестирање и изведба на голем број објекти.
Во својата професионална кариера работи на широк спектар на проекти од мали до капитални, како што е Студијата за развој на урбанистичко – архитектонски и идејни проекти за комплексот Аеродром – Петровец, Скопје.
Во своето 40 годишно творештво, изработил повеќе од 150 проекти од кои 75 се реализирани, а учествувал и на 27 конкурси.
Архитект Христов во своето обраќање се заблагодари за наградата, за која вели дека многу му значи, особено затоа што е доделена од колеги, како признанеие за неговата професионална кариера.
Претседателот на ААМ, Мишко Ралев кој свечено му ја врачи наградата на лауреатот изјави дека архитект Ранчо Христов „со својата работа и дејност во областа на архитектурата и градителството, придонесе за пресврт во архитектонската пракаса од еден систем на монопол на големите општествени бироа од кои и самиот произлезе, во ново приватно претприемништво со поинакви проектантски стандарди во кои творечката слобода стана нов квалите, наспроти предходниот квантитет и резултираше со особена продукција на проекти, изведени градби и идејни конкурсни решенија, кои го одбележаа крајот на минатиот и почетокот на овој век“.
Позначајни реализирани проекти како проектант во „Мавровопроект“:
– Станбен објект на бул. „ЈНА“,(денес Св. Климент Охридски) Скопје (1982)
– Административен објект со ресторан „Газела“ (1983)
– Хотел „Еуротел“, Струга (1985)
– Олимписки базен со медицинска терапија „Запољарје“, Сочи, Русија (1984)
– Типски фабрики за преработка на месо, Русија
– Трговски центар „Беверли Хилс“, Скопје
Позначајни реализирани проекти како проектант во„Ателје Ајвар“:
– Реконструкција на Музеј на Град Скопје
– Базар Бели, Дебар
– Хотел „Алфа С“, Трутнов, Чешка
– Куќа Бегу, Дебар
– Резиденција на Руската Федерација, Скопје
– Куќа Вуќиќевиќ, Скопје
– Куќа Хорват, Скопје
– Куќа Костовски, Скопје
– Куќа Јанкуловски, Охрид
– Администрација „Кометал“, Скопје
– Куќа Х.Р.Р.М. 001, ул „Донбас“, Скопје
– Гинеколошка клиника Чаир, Скопје
– Занаетчиски центар Бутел, Скопје
– Куќа Лековски, Скопје
– Дискотека „Колосеум – летен клуб“, Скопје
– Касарна на НАТО, Скопје
– Станбена зграда, ул. „Огњан Прица“, Скопје
– Станбена зграда, ул. „Гиго Михајловски“, Скопје
– Катна гаража бул: „Јане Сандански“, Скопје
– Деловен објект „Мак Аутостар“ со салон „Мерцедес“, Скопје
– Куќа „Дрезденска“, нас, Тафталиџе, Скопје
Конкурси:
– Загреб, Југословенски архитектонско – урбанистички конкурс, „Пливачко рекреативен центар“, 1977, (откуп)
– Жабљак, Југословенски архитектонско – урбанистички конкурс „Спомен дом Жабљак“, 1977, (откуп)
– Загреб, Југословенски архитектонско – урбанистички конкурс, „Национална Свеучилишна библиотека“, 1978 (откуп)
– Скопје, Републички архитектонско – урбанистички конкурс, „Административен објект на Сојуз на возачи на СРМ“, 1978 (откуп)
– Задар, Југословенски архитектонско – урбанистички конкурс, „Спортски и трговски центар“, 1983, (откуп)
– Плевља, Југословенски архитектонско – урбанистички конкурс, „ Спортско рекреативен центар“, 1984, (специјално признание од жири)
Награди и признанија:
– Признание БИМАС 1987 за административна зграда „Македонијаинвест“, Скопје
– Награда за најдобар проект на БИМАС 1993, хотел „Алфа С“, Трутнов, Чешка
– Награда за „Куќа која сонува“ на семејство Костовски на БИМАС 1997
– Специјално признание на БИМАС 1997 за квалитетна и бројна презентација на проекти и реализации/Ателје Ајвар
– Награда од Град Скопје за најдобро реализиран објект во 2000 година, куќа Х.Р.Р.М. 001, ул „Донбас“, Скопје
– Награда и благодарница од главниот архитект на Град Скопје за станбено – деловен објект на ул. „Огњан Прица“, Скопје, 2003 година
– Во 2017 година награда „Борис Чипан“ за придонес во развојот на архитектонска – инженерската струка во Македонија од Комората на овластени архитекти и овластени инженери
– Во 2020 година награда BIG SEE ARCHITECTURE AWARDS 2021 во категорија станбена архитектура за куќа „Дрезденска“, нас. Тафталиџе, Скопје
Состав на комисијата делегирана од ААМ за додела на наградата „Андреја Дамјанов“ 2021:
– Ѓоко Радовановиќ, претседател
– Билјана Филиповска, член
– Горан Патчев, член
– Беќир Адеми, член
– Искра Јанковска – Михајловска, член
СВЕЧЕНО ДОДЕЛЕНА И МИНАТОГОДИШНАТА НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО „АНДРЕЈА ДАМЈАНОВ“ 2020
На вчерашното доделување на наградата „Андреја Дамјанов“, освен на овогодинешниот лауреат Ранчо Христов, свечено беше врачена и минатогодишната награда за животно дело на лауреатот 2020 година, Ѓоко Радовановиќ. Наградата минатат година не беше свечено врачена поради мерките за справување со пандемијата.
фото: КИРО ПОПОВ