Во петок, 11 јули 2024 година со почеток во 18:00 часот се одржа доделувањето на високото признанието „Инженерски прстен“ за најдобрите дипломирани студенти во 2024 година од инженерските факултите во нашата држава. Манифестацијата оваа година се одбележува по 21 пат и традиционално се одржува под покровителство на Претседателот на државата РСМ, а во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инженери и на Инженерската институција на Македонија.
Свеченоста на доделувањето на ова прознание на најдобрите студенти од техничките факултети, оваа година се врати на своите корени, на местото од каде што започна пред 21 година – на Плаошник во Охрид.
Пред присутните најнапред свое обраќање имаше Претседателката на Комората на овластени архитекти и овластени инженери г-ѓа Кристинка Чулак. Во своето обраќање таа истакна: „Во годината кога славиме 104 години инженерство, задоволството е уште поголемо што прославата на една манифестација која веќе го достигна своето полнолетство и цврсто чекори на патот славењето на младешкото инженерство да стане традиција, се враќа на своите корени, на местото од каде што започна пред 21 година – токму овде на питоресктниот Плаошник, во колевката на македонската писменост, во прекрасниот Охрид – бисерот на Балканот.
Инженерството е тоа кое се справува со сите предизвици што се исправаат меѓу човекот и природата. Драги млади колеги, вие ја одбравте професијата која не само што е во служба на безбедност, здравје на човекот и заштита на животната средина, туку ја има и задачата и привилегијата за создавање на уште подобри услови за живеење, креирајќи напредни и паметни светови.
Комората како професионална организација која што ги обединува сите архитекти и инженери во земјава е вашиот иден дом. Ние со нетрпение ја очекуваме вашата младешка енергија, која секогаш внесува динамика меѓу сите инженери, со сите бои на дигиталните трансформации, иновациите и напредните идеи за прогрес во светот. Ве очекуваме да се вклучите рамо до рамо со поискусните колеги во справување со инженерските предизвици на денешницата, поместувајќи ги границите на просечното. Ја имате нашата безрезервна подршка и доверба за да го превземето кормилото во свои раце.“
Во своето обраќање, Претседателката на Инженерската институција на Македонија г-ѓа Христина Спасевска ги потсети добитниците: „Драги добитници, ова признание се должи на вашиот исклучителен ангажман во текот на студирањето, што потврдува дека се подготвени и понатаму да одите кон височините на успехот, соочувајќи се со сите предизвици на тој пат. Покажавте дека сте достојни да бидете први во своето окружување, носејќи го гордо товарот на лидерското место.
Сигурно веќе сте ги определиле почетните насоки на вашата кариера, продолжувајќи да се надградувате професионално. Нека ова признание секогаш ве охрабрува дека можете повеќе, дека ќе направите подобро. Тоа всушност е неговиот товар, преточен во нашите очекувања кон вас, сесрдно да придонесувате за својата татковина и општеството во целина, да ги учите и помагате помладите на нивниот професионален пат и понатаму да бидете најдобри!“
На крај се обрати највисокиот гостин на настанот Претседателката на Република Северна Македонија г-ѓа Гордана Сиљановска – Давкова. Таа во своето обраќање истакна: „Како што интернетот стана нервниот систем на планетата, така забрзаната дигитализација го менува речиси секој аспект на животот. Напредната роботика, автоматизацијата на производството и вештачката интелигенција сè повеќе влијаат врз пазарот на трудот. Успехот на државите веќе се мери врз основа на нивната способност да ги искусат придобивките и да ги минимизираат ризиците што со себе ги носи дигиталната економија. За да успееме во овој голем потфат, потребни сте ни вие, младите инженери, како градители на новата дигитална република.”
Потоа беа врачени инженерските прстени на 15 најуспешни дипломирани студенти од македонските факултети што негуваат инженерски дисциплини.
Годинешните добитници на ова најпрестижно признание се:
Ева Зовиќ од Архитектонски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Димитрија Симјаноски од Градежен факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Михаела Златеска од Машински факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Марија Митевска од Технолошко-металуршки факултет, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Егзона Муртезани од Факултет за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Виктор Мегленовски од Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Руфија Идризовска од Природно математички факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Бојана Захариева од Факултет за дизајн и технологии на мебел и ентериер при при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Ангела Мешкова и Матеа Ташковска од Факултет за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Елена Стефаноска од Технички факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола.
Теодора Силјаноска од Факултет за информатички и компјутерски технологии при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола.
Матеа Анакиевска од Факултет за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Даниел Цоневски од Факултет за информатичка при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Адина Османи од Факултет за применети технички науки Универзитет во Тетово – УТ
Во име на добитниците на овогодинешното признание, пред присутните, се обрати Ангела Мешкова.
Порта 3 им честита на добитниците и им посакува уште поголеми успеси.