Најновите податоци на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) покажуваат дека сушата во Латинска Америка ќе ја поскапи храната на светските пазари. Од оваа организација предупредуваат дека поради малата понуда на земјоделски производи пазарите ќе бидат нестабилни, а тоа ќе значи и раст на цените.
Поради ваквите сегашни движења, но и поради очекувањата во иднина да се намалува родот на земјоделските култури, експертите порачуваат Македонија да почне со сериозно производство на земјоделски култури. Пред сè, за да се задоволат домашните потреби, но и да се заработи од извоз. Во овој контекст приоритетен проблем кој итно треба да се реши е наводнувањето, предупредуваат експертите.