Една нова студија спроведена во САД, покажува дека сушата на долг рок влијае врз зголемувањето на емисиите на јаглерод диоксид во воздухот, како и на режимот на работа на хидроцентралите (режим на работа во услови на влошени перформанси). Зголемените нивоа на емисии се резултат на работењето на електраните со фосилни горива со цел надополнување на непроизведената енергија од хидрокапацитетите. Научниците, автори на студијата тврдат дека зголемувањето на емисиите предизвикани од сушата е околу 10 отсто.
Студијата го анализира периодот од 2001 до 2015 година, а научниците утврдиле дека во САД во тој период биле емитувани дополнителни 100 милиони тони јаглерод диоксид во 11 сојузни држави, токму како резултат на сушата. Во текот на наредниот период се очекува овие влијанија да бидат уште поизразени. За Калифорнија, Орегон и Вашингтон, кои генерираат значителна количина на хидроенергија, сушата индуцира значително зголемување во емисиите на јаглерод диоксид. Кога се намалува производството од хидрокапацитетите, Колорадо стартува електрани на јаглен, додека Калифорнија и Ајдахо користат природен гас.
Во студијата се посочува дека другите делови од светот кои многу повеќе зависат од хидроенергијата, мора да размислуваат за алтернативни решенија во поглед на супституција на хидроенергијата од други обновливи извори наместо фосилни горива, со цел постигнување на таргетите за намалување на емисиите дефинирани со Договорот за климата од Париз.