Хидролошката ситуација во Албанија е оценeта како алармантна, поради недостигот на врнежи од дожд во овој период од годината, како и сушниот зимски период кој мина без снегови, јави дописникот на МИА.
Според податоците од Албанската електроенергетска корпорација (КЕШ), видно е намалено нивото на вода на каскадата на реката Дрим, каде има три хидроцентрали, кое ни од далеку не може да се спореди со нивото во истиот период лани.
Во акумулацијата на „Фиерза“, која е најголема хидроцентрала на Балканот по „Ѓердап“ на Дунав, нивото моментно изнесува 274 метри, што е за 22 метри под максималната кота. Дотекот на вода изнесува 84 метри кубни во секунда. Во истиот период лани нивото било 291 метари.
Значително намалено ниво имаат и акумулациите на хидроцентралите „Коман“и „Вау те Дејес“.
Сепак властите смируваат дека и покрај ваквата ситуација електрична енергија е обезбедена и оти нема да има рестрикции.
„Имаме обезбедено доволно количество на електрична енергија. Доколку ситуацијата продолжи вака како што е, ќе продолжиме со увоз од земјите во регионот. Можноста за пренос од наша страна е подобрена, но главно прашање ќе биде цената на увозот на енергија“, тврди албанскиот заменик-министер за енергетика Илир Бејтја.
За да избегне енергетски колапс, КЕШ од почетокот на годинава увезе струја во вредност од над десет милиони евра. Дневната потрошувачка во Албанија поради повисоките дневни температури сега се движи до 15 милиони киловат часови, а домашното производство е околу шест милиони.