Легурите од титаниум се едни од најцврстите материјали за градба, но тие се многу скапи. Истражувачите од University of Maryland (UMD) откриле начин да направат алтернатива која буквално „расте“ на дрво. Користејќи го новиот процес на „дензификација“ односно згуснување, тимот успеал да направи „супер дрво“ кое има цврстина и жилавост како челик.
Дрвото е материјал кое веќе прилично е во употреба, но лидерот на овој тим од UMD, Liangbing Hu, работи на негова уште поширока употреба. Во последните неколку години, тој развил проѕирно дрво, филтри за вода од запалено дрво и натриум – јонски батерии базирани на дрво и листови.
Ноото „супер дрво“, својата супер сила ја добива низ двостепен процес. Прво, примероците од дрво биле третирани во воден раствор на натриум хидроксид и натриум сулфит. Потоа, хемиски третираното дрво било пресувано, со што се формирани високо ускладени целулозни нановлакна. Крајниот резултат е целосно згуснато дрво, кое е многу појако од природното.
„Овој начин на третирање на дрвото овозможува тоа да стане 12 пати појако и 10 пати потешко. Ваквиот материјал може да биде конкурент на челикот или дури и на легурите од титаниум, а може да се споредува и со јаглеродните влакна, но многу е поефтин. Може да се користи за автомобили, авиони, згради – односно секаде каде традиционално се користи челикот“ вели Hu. Истражувањето е објавено во часописот „Nature“.