Насловна / Вести / Сугарески: Контролниот центар за автопатот Демир Капија – Смоквица да биде во Неготино

Сугарески: Контролниот центар за автопатот Демир Капија – Смоквица да биде во Неготино

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески заедно со амбасадорот на Република Франција во Македонија Кристијан Тимоние денеска ја посети фирмата Ежис во Демир Капија, која е надзорен орган за изградбата на автопатот од Демир Капија до Смоквица.

На средбата, како што изјави Сугарески, биле запознати дека има проблеми со сигнализацијата на автопатот, а како дополнителен проблем се јавувал и еден далекувод од МЕПСО кој треба да биде дислоциран.demir-kapija-smokvica

– Контролниот центар треба да биде направен во Неготино со цел да профункционира сигнализацијата која е поврзана со тунелите и автопатот да биде пуштен во употреба до 1 ноември кога е крајниот рок, изјави министерот Сугарески.

Прашан колку чини изградбата на автопатот, Сугарески рече дека во наредниот период ќе ја објават точната сума за во јавноста да не се шпекулира со бројки.

На прашањето дали може да доцни пуштањето на автопатот поради скандалите за корупција кои се однесуваат на изведувачот грчки „Актор“, што ги испитува Европската унија, рече дека треба да се остави ситуацијата да се расчисти.

– И грчкото обвинителство е заинтересирано за случајот, побарана е казна од 50 милиони евра. Како Министерство и Влада, доколку се докаже дека постои вина во целата ситуација, ќе ги преиспитаме односите со таа компанија, додаде Сугарески.

Исто така, францускиот амбасадор Кристијан Тимоние изјави дека е задоволен од сработеното на автопатот Демир Капија – Смоквица и од работата на француската компанија „ЕЖИС“ која беше назначена како надзорен орган за проектот за изградба на оваа автопатска делница.

– Особено сум горд што најголемото француско инжењерско претпријатие беше избрано за надзор. ЕЖИС спроведе извонредна работа која веќе е при крај и која најверојатно ќе има силни економски ефекти врз македонската економија затоа што автопатот ќе значи премин и поврзување од Салцбург до Солун, изјави Тимоние, додавајќи дека станува збор и за трансфер на технологија и знаење.

Одговарајќи на новинарско прашање околу истрагите што ги покрена Грчкото обвинителство за грчкиот изведувач „Актор“ кој работеше на оваа автопатска делница, францускиот амбасадор одговори дека за нив она што е најважно е работата на француската компанија ЕЖИС.

– Таа е надлежна за квалитетот на материјалите, како надзор. Под кои услови бил потпишан договорот, тоа воопшто не е во моја надлежност. Она што мене ми се допаѓа е да видам на лице место ваква извонредна работа која е спроведена. Оставам правдата да си ја врши својата работа, рече амбасадорот Тимоние.

 

Испрати коментар

Scroll To Top