Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, на средба со амбасадорката на Кина во Македонија, Јин Лисијан, побарал што побрзо надминување на проблемите со роковите на изградба на автопатиштата Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип.
„На средбата министерот Сугарески ги презентираше инфраструктурните проекти поддржани од кинеската страна и ги објасни проблемите настанати при изградбата на двата автопатишта Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип. Министерот Сугарески изрази загриженост за предвидените рокови за нивна реализација и побара поддршка од кинеска страна за што побрзо надминување на ваквата состојба“, стои во соопштението од кабинетот на Сугарески.
На средбата се разговарало и за економските односи меѓу двете земји, при што министерот Сугарески изразил огромна благодарност за поддршката што Кина ја овозможува за реализација на капиталните проекти во Македонија. Тој изразил целосна подготвеност за продолжување на таквата соработка, особено во делот на поддршка на инфраструктурните проекти.