Кога проектна задача е реконструкција на музичко студио, потребно е покрај почитувањето на естетските и функционалните барања на клиентот, да се применат и технички знаења кои се неопходни за еден работен простор да ги исполни сите свои капацитети. Кога притоа ќе се додаде дека сопственик на студиото е Александар Милиќ – Мили, познат српски композитор, музичар, продуцент, аранжер и сопственик на издавачката куќа „Милигам“, задачата уште повеќе добива на значење, бидејќи Мили е автор кој соработува со најголемите ѕвезди на Балканот.
На овој проект заедно работеа Владимир Малетиќ (www.vladimirmaletic.com), кој покрај дизајнот на ентериерот, беше задолжен и за техничкиот аспект на дизајнот на звукот, и јас, Ѓорѓе Јокиќ (www.baringo.co.rs) кој работев на ентериерот. И двајцата сме од Белград, и ова е веќе трето музичко студио на кое соработуваме, од кои две се во Белград, додека третото е во Љубљана.
Музичкото студио „Милиграм“ се наоѓа во куќа во белградската населба Бањица, просторот се состои од две простории, режија од 24 квадратни метри и глува соба од 12 квадратни метри. Скромната површина на просторот беше голем предизвик бидејќи беше неопходно во мал простор да се направи персонализирано и пред сè функционално музичко студио.
Секој од амбиентите има свој влез, а двата простора се меѓусебно поврзани со стаклен прозорец, така што е можна визуелна комуникација помеѓу режисерот и глувата соба.
РЕЖИЈА
Пред сè во собата за режија направена е посебна конструкција од гипсени панели кои се обложени со изолација и платно. Ваквата конструкција беше неопходна поради звучните карактеристики на просторот. Покрај работниот дел, во режијата се наоѓа и специјално изработен тросед со елементи за седење со различни длабочини, така што одредени делови од софата може да се користат и како простор за одмор.
На предниот дел од просторијата доминира платно со дезен на зебра, што е асоцијација на Африка за кој континент е врзан клиентот. Покрај мотивот на зебрата, на тој ѕид има и одредени симболи кои имаат и лично значење за композиторот.
ГЛУВА СОБА
Глувата соба, просторот во кој се изведува музиката, по карактер го следи јазикот на ентериерот на режијата, така што на еден ѕид доминира истиот мотив на зебра, а како посебен детал е додаден принт од делфин по желба на клиентот.
Материјализацијата на просторот, освен гипсената потконструкција која е скриена, ја сочинуваат и посебни платна во светлосива и темносива боја, со што се постигнува неутралност чиј карактер може да се менува по потреба. Ѕидовите, мебелот и дифузерите се направени од бели дрвени панели со висок сјај. Со тоа се постигнува одредена доза на рефлексија на светлината, што придонесува за визуелно чувство дека просторот е поголем отколку што е, како и изразен контраст во однос на подот кој е покриен со темен ламинат.
ОСВЕТЛУВАЊЕ
Посебно е обрнато внимание при изборот на светла. Во поголем дел, просторот се карактеризира со индиректно LED-осветлување, со можност за промена на бојата на самото светло, со што се приспособува карактерот и атмосферата на просторот на желбите на корисниците. Според потребата, просторот може да има „потопол“ или „поладен“ карактер, додека употребата на директно осветлување во форма на една надградна LED-лента во режијата, спот светла над работната маса на режијата, или вградени кружни светла, или флексибилни LED-ленти во глувата соба овозможија просторот да се доживее поедноставно.
Барањето на клиентот беше да има уникатен, персонализиран простор кој нему и на останатите корисници ќе им биде инспиративен за работа. Во исто време, просторот мораше да исполни одредени акустични барања и да има одредена можност за трансформирање на карактерот на просторот што ќе доведе до различни доживувања и инспирации во зависност од моменталните потреби.
Големината на просторот која е лимитирана претставуваше голем предизвик да се добие светол и функционален работен простор кој нема да биде монотон. Со паметна употреба на материјали, комбинации на бои и приспособливо LED-осветлување, се чини дека музичкото студио „Милиграм“ стана автентично место за создавање музика и нови хитови на балканската музичка сцена.