На Belgrade Design Week (BDW) беше предвидено гостување и предавање на познатиот италијански архитект Максимилијан Фуксас. Римскиот архитект, кој минатата година наполни седумдесет години, со децении познат по својот специфичен стил, во последен момент го откажа своето учество и го испрати архитектот Фаршид Таваколи Техрани (Farshid Tavakoli Tehrani), кој веќе со години е вработен во студиото „Фуксас“. Во своето излагање, тој зборуваше за актуелните проекти и за она што претставува студиото „Фуксас“ и кон што се стреми во иднина, како технологијата влијае на архитектурата, дали кризата е проблем кога е во прашање интернационално студио, и дали можеби постои „Фуксас“ стил . За сето ова разговаравме ексклузивно за „Порта3“.
Да почнеме со актуелни прашања. На кои проекти работи светски познатото архитектонско студио „Фуксас“?
-Работиме на различни проекти, учествуваме на многу архитектонски конкурси. Освоивме награди на неколку конкурси од кои повеќето во Кина. После конкурсот на кој победивме за аеродромот во Шензен, победивме и на конкурсот за кулата „Гуосен Тауер“, а во градот Ченду победивме на конкурсот за културен центар. Исто така, работиме на проекти за трговскиот центар на Беверли Хилс, како и на туристичката населба на Сардинија.
Културен центар во Ченгду, Кина
Како е поделена работата, имајќи предвид дека студиото постои во Рим, Париз и во Шензен?
–Во Рим се наоѓа главната база, а за да ги имаме сите овие проекти отворивме студио и во Кина. Покрај тоа, имаме и париско студио каде што се развиваат проекти за северна Европа. Сепак, сите проекти настануваат во нашето римско студио. Тука постојат посебни оддели; оддел кој се занимава со конкурси, друг кој се занимава со ентериери, оддел кој прави макети итн. Моментално во Рим работат околу деведесет луѓе, а вкупно во сите три студија има околу сто и педесет вработени.
Комплекс San Paolo Parish, Перуџа, Италија
Постои ли „Фуксас“ стил?
-Фуксас нема стил, ние во студиото се „бориме да немаме стил“, како тој честопати вели. Одредени елементи кои можат да се воочат на различни проекти, би можело да се наречат како „Фуксасов потпис“, но како пристап ние немаме стил бидејќи секој проект, каде и да се наоѓа, зависи од функцијата на објектот како и од културата на тој простор. И врз основа на тоа, ние почнуваме да проектираме.
Каква е денешната состојба во архитектурата, за студио во Италија или за архитект во Италија?
–Мене ми е малку потешко да одговорам на ова прашање, но според мое мислење, како интернационално студио кое работи во цел свет, се стремиме кон приспособување. Кризата е во Европа, но не и во Кина, порано имаше повеќе конкурси во Италија и во Европа, а денес повеќе работиме на пазарот во Кина. Како и да е, кризата се чувствува. Ние соработуваме со фирми кои се занимаваат со материјали, пресметки итн. и гледаме дека кризата постои.
Аеродром во Шензен, Кина
Каде оди архитектурата?
-Во која смисла? Јас мислам дека архитектурата многу брзо оди со технологијата, што многу ни помага да дојдеме до идеи и да проектираме. Технологија која оди напред носи проекти кои ние ги гледаме како споменици или симболи. Може да се случи тоа што денес претставува симбол еден ден да го изгуби тој карактер, и нешто што е денес симбол да не биде тоа за дваесет години.
Зборувавте за концептот на одржливост, и во текот на предавањето ја видов продавницата „Бенетон“ што има кров покриен со стакло, како го решивте проблемот со неопходно ладење во таков простор?
–Сите стакла се антирефлексни посебни стакла и внатре е одлично што се однесува на амбиентот и пријатноста, да не е така, таму би било претопло. Водиме сметка за материјалите што ги користиме, каква е рефлексијата, како влегува светлото, бидејќи тоа мора да биде еден пријатен амбиент.
Нов конгресен центар во Рим, Италија
Колку долго работите во студиото „Фуксас“?
–Тука работам осум години. Пред тоа, завршив економија и работев во Иран. Отсекогаш ја сакав архитектурата, се преселив во Италија, во Рим каде завршив архитектонски факултет, по што работев практика во студиото „Фуксас“. После практиката останав да работам овде, и денес сум шеф на одделот што се занимава со проектирање на ентериери.
Каков е Вашиот однос кон Рим и животот во него, како некој што дошол во тој град?
–Мене ми се допаѓа Рим откако работам во студиото, Рим има одреден провинциски карактер, работејќи во такво големо студио најдов рамнотежа. Не знам, да не работам во студиото „Фуксас“, веројатно не би останал во Рим.
Ново архитектонско редефинирање на објектот Ex Unione Militare, Рим, Италија