Насловна / Вести / Студентски решенија за македонскиот отпад

Студентски решенија за македонскиот отпад

Студенти на Машинскиот факултет во Скопје понудија решенија за ефикасно управување на отпадот во Македонија. Решенијата кои ги понудија студентите ја потенцираа важноста на ефикасното управување со отпадот за квалитетот на животот на граѓаните и понудија решенија за несоодветните пракси во Македонија во врска со: придобивките од рециклирање пластика и стакло, искористувањето на топлината од согорување на отпадот и третирањето на отпадот – од отстранување до спречување на неговото создавање.

studenti4

Студентите Александар Белчовски, Јована Лозановска, Филип Николовски, Филип Тодоровски и Емилија Дејаноска под менторство на проф. Даме Димитровски понудија решенија како најдобро да се справиме со отпадот од пластиката, стаклото, но и како тие соодветно да се депонираат и третираат и за термичкото третирање на отпад – инсенерација.

Решенијата за справување со отпадот кои ги пренесуваат студентите се доволни за државните власти да се решат да посветат внимание на ова прашање и да понудат инвестирање во овие млади луѓе за да ги продолжат своите истражувања кои би биле од голема корист.

studenti (2)

Александар Белчовски нагласи дека над 40 илјади тони стакло секоја година завршуваат на депониите во Македонија, а за негово разградување потребно е повеќе од пет илјади години. Решението од лошото депонирање на овој вид отпад Белчовски го бара во отворањето на фабрика за стакло и стаклена амбалажа, која што во Македонија ја нема.

Пластиката е другиот вид отпад за кој што треба да се најде решение за негово спречување да ја загадува животната средина. “Во Македонија годишно има околу 100 илјади тони отпад од пакување, а речиси 40 отсто од тоа, односно 38 илјади тони се пластика. Годишно на пазарот во Македонија има 13.963 тони пластика од кои само 19 отсто се рециклираат. За да се распадне оваа пластика потребни и се од 400 до илјада години. Решението од овој проблем е рециклирањето на пластиката“, вели студентката Јована Лозановска. Според неа рециклирањето на пластиката е важно затоа што така има заштита на животната средина и на животинскиот свет, се заштедува енергија, има намалена емисија на стакленички гасови, се јакне економијата, а со тоа има финансиски придобивки. Но, за сето ова да се постигне во Македонија, Лозановска вели дека е потребно да постојат многу кампањи за подигнување на јавната свест и едуцирање на учениците, законска регулатива и строги казнени мерки, како и финансиски мотивации.

studenti (3)

Секоја година се создаваат 700.000 тони отпад. Од нив, се проценува дека 90 отсто завршуваат на околу илјада диви депонии. Компаниите за собирање на отпад се ограничени да дејствуваат само во урбаните предели, додека пак популацијата во руралните предели не е покриена со вакви сервиси. За „Депониско третирање на отпадот“ решенија понудија студентите Филип Тодоровски и Филип Николовски. Според нив ефикасен начин на депонирање на отпадот е подземното, односно заптивање на дното на депонијата. “Со ваквото депонирање на отпадот ќе се овозможи стабилност на телото на депонијата, отстранување на можноста за создавање на воздушни џебови каде би се собирал депонискиот гас кој се создава во процесот на разлагање на сметот, оптимално пополнување на депонијата и смалување на можноста за продор на филтратот во подземните води“, објасни Николовски. Според овие студенти решението во Македонија треба да се бара во изградба на регионалните депонии, зголемување на капацитетот на комуналните претпријатија и покривање на руралните предели, подземно депонирање на отпад и модернизација на депонијата Дрисла, односно заменување на печката за согорување на медицинскиот отпад и затворање на сегашните и да се отворат нови депониски места.

studenti (1)

Во однос на термичкото третирање на отпадот – инсенерација, студентката Емилија Дејаноска вели дека во Македонија ваков тип на согорување имаме на депонијата Дрисла, каде што се согорува медицински отпад во инсенератор со несоодветни мерки за заштита на околината, а топлината што се ослободува при ова согорување не се искористува.

„Здравствените ефекти од емисиите на диоксин и фурани од печката за инсенерација, особено за време на пуштање и исклучување, или каде што се бара бај пас на филтерот, продолжуваат да бидат проблем. Со нов инсенератор со поголем капацитет, загадувањето ќе се неутрализира бидејќи ќе се создава обновлива енергија базирана на биомаса, а остатокот од пепел, кој не е опасен цврст отпад, ќе може безбедно да се одложи на депонијата или да се рециклира. Дополнително, ќе се зголеми и капацитетот на депонијата бидејќи обемот на согорениот отпад е помал за околу 90 отсто“, наведува студентката Дејаноска во нејзината презентација.

57352955_1716593508487399_2876481731483926528_n

Според податоците што ги пренесоа студентите доколку се искористи топлината од согорувањето на еден тон отпад може да се добие два до три мегават часови електрична енергија или два мегават часови топлинска енергија. “Топлинската енергија произведена во трите инсенераторски постројки за согорување во Париз, е доволно за да се загреат 300 илјади домови годишно“, објаснија студентите. Студентката Дејаноска пресметала дека во Дрисла во 2018 година се согориле 890.988 килограми медицински отпад и доколу енергијата се искористува годишно би се добивале 1.962 мегават часови топлинска енергија. За затполување на еден дом годишно во просек потребна е топлина од 10 магават часови. Оваа пресметка на Дејаноска укажува дека со искористување на топлината од инсенераторот во Дрисла годишно би се грееле 196 домови. “Од вкупниот број на домаќинства во Скопје кој што изнесува 146.566 со ваков тип на постројка би се грееле 6,5 отсто од сите домаќинства во град Скопје, односно тоа е еквивалентно на половина од сите домаќинства(вклучувајќи ги и колективните) во општина Аеродром“, потенцираа студентите.

Студентите на Машинскиот факултет велат дека со решенијата кои ги предлагаат не само што ќе се намалат количините на ѓубре на депониите и загадувањето на воздухот, почвата и водите, туку од отпадот ќе се произведува и електрична и топлинска енергија за потребите на домаќинствата и на индустриските капацитети во државата.

Решенијата кои ги понудија студентите на јавната презентација на Машинскиот факултет беа дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, финансирана од Британската амбасада во Скопје. (reagiraj.mk)

logo-260x118

Испрати коментар

Scroll To Top