Струшката локална самоуправа во текот на наредната година планира да изготви Сообраќајна студија за општина Струга, пишува OhridNews. Ова е предвидено во „Програмата за изградба на сообраќајна сигнализација во општина Струга за 2015 година“, која беше усвоена на 21-та седница на Советот на општината. Според предвиденото, за оваа намена од Буџетот за 2015 година ќе бидат издвоени околу 49.000 евра или 3 милиони денари.
Покрај изготвувањето на студијата, општина Струга планира уште неколку активности и мерки за одржување и унапредување на сообраќајните услови во градот, за чие спроведување ќе потроши околу 168.000 евра или точно 10.300.000 денари.
-Општата цел на оваа програма е да се обезбедат најосновните услови во делот на безбедноста на сообраќајот и безбедноста на пешаците како и да се создадат услови за нормално функципнирање на сообраќајот во општина Струга, пишува во појаснувањето за програмата.
Во делот на вертикалната сигнализација, за набавка на сообраќајни знаци и патоказни табли за подрачјето на општината планирани се 1,5 милиони денари. За поставување нова и за одржување на веќе поставената хоризонталната сигнализација, од буџетот за 2015 година планирано е да се издвојат вкупно 5 милиони денари, а за поставување на успорувачи за сообраќај и друга сообраќајна опрема, предвидени се вкупнпо 800.000 денари.