Насловна / Архитектура / Струката на трибина: Како да се справиме со Скопје 2014?

Струката на трибина: Како да се справиме со Скопје 2014?

grad-za-site-foto

Рушење, дислокација, пренамена и други можни опции беа дискутирани на трибината организирана од Плоштад Слобода.

Во четвртокот во Кино Култура во Скопје се одржа трибина за Скопје 2014 на која се расправаше за последиците од проектот врз градот и можните опции за справување. Панелистите од Архитектонскиот факултет беа соочени со надвиснувачкото прашање „Како ќе се развива и функционира Скопје, ако проектот Скопје 2014 остане непроменет и продолжи да се гради?“

Ана Ивановска укажа на проблемите со архитектонското наследство и бришењето на скопската модерна од лицето на градот, како и градењето на недозволени места што е „потенцијална закана од катастрофи“. Во однос на справувањето со последиците таа рече:  „Суштински е да се отвори прашањето и суштински е во сегменти да се разгледуваат сите овие интервенции и мислам дека треба да се внесе конечно назад професијата – историчари, историчари на уметност и уметници и урбанисти и архитекти итн. Така што одлуката треба да биде веројатно експертиза на еден поширок тим. Тој тим можеби е подобро да биде меѓународен, бидејќи тие имаат една објективна перспектива од дистанца, додека сите ние сме емотивно засегнати длабоко од сето ова. Мислам дека рушењето не е така едноставен процес. Пред да се сруши нешто треба добро да се испита и да се донесе некаков став за работата. Не може туку-така да носиме одлуки за рушење без оглед на тоа дали ни се допаѓа или не ни се допаѓа она што е направено, штетата што тоа ја нанело на просторот во кој е изградено. Мислам дека рушењето претставува една екстремна опција, но веројатно расчистувањето на некои позиции може да ја крене вредноста на нештата. Меѓутоа, дека можеме да срушиме баш се, или поголемиот дел, не можеме, тоа е една утописка размисла. Мислам дека е несериозно да се има став за рушење пред да се испитаат зградите и да се истражи нивниот потенцијал, а не да се судат според нивната надворешност“.

grad-za-site

Мирослав Грчев, во одговор на Ивановска, го спореди Скопје 2014 со грозоморните експерименти на д-р Менгеле во Аушвиц, спроведени според тогашните важечки закони и педантно научно евидентирани, и праша дали некој после војната воопшто се потрудил научно да ги објасни експериментите и да им даде некаква вредност? „Етичкиот проблем кажува дека се работи за злостор против човештвото и тој на друг начин не смее да се гледа. Во случајот со Скопје 2014 се работи за голем криминал, па нека е размерот на злоделата со оние на д-р Менгеле 1000:1 или 1000000:1, сепак ние пред нас немаме архитектонски дела или урбанистички решенија, имаме леш над кој е вршен експеримент од нестручно лице. Ние имаме злостор против македонскиот дел на човештвото. Злосторот е, за среќа, изведен врз простор, но нема ниеден аспект од овој проект што не е криминален. Е сега, каков треба да биде нашиот однос кон ваков очигледен криминал? Ако се фатат пари што се украдени, тие се враќаат, а криминалецот оди во затвор. Ако се фати оружје, тоа се сече и се топи, ако се фати друга забранета роба што е плод или средство на криминал, таа се уништува… дрогата се пали, ЦД-ата се гмечат… А дивата градба се руши!“

Панелистите – архитекти беа запрашани за четирите можни опции за справување (рушење, пренамена, дислокација и преселување на градскиот центар) и единствено ја отфрлија последната опција како несоодветна и штетна.

Со свои видео изјави учествуваа и Валентина Поцеска од националниот конзерваторски центар, како и активистите Петрит Сарачини и Славчо Димитров. Оттргнувајќи се од конзервативното гледиште за неменување на Скопје 2014, сите панелисти укажаа на потребата за справување со последиците што поскоро. Поцеска посочи дека Скопје 2014 и новозаведените објекти како културно наследство, ги трошат парите за веќе сериозно загрозеното вистинско културно наследство. Интересно, панелистите како да си ги сменија улогите, па Поцеска сугерираше одлука на јавноста, додека активистите бараа стручна одлука за справувањето со проектот.

На крајот на трибината збор земаа многумина од публиката и речиси сите се согласија од потребата за справување со последиците. Постари градежници, членови на ААМ и млади архитекти ја поддржаа темата на трибината и ветија идни вакви стручни дебати и нивен поголем ангажман.

На настанот беше промовирано и кратко видео „Како СК 2014 ги изеде заедничките урбани добра?“, помогнато од зелената фондација Хајнрих Бол која го помогна и целиот настан.

 Никола Наумоски

Испрати коментар

Scroll To Top