Насловна / Вести / Струга во потрага по загубениот градски идентитет

Струга во потрага по загубениот градски идентитет

Во денешно време сè повеќе се соочуваме со прашањето: „До која линија градот сè уште е град, а преку која линија станува нов феномен?“[1] Дали во тој нов феномен, личностите, самосвеста и меморијата ќе ги најдат своите меѓусебни односи или ќе се загубат во големината на градскиот простор? Тоа, од една страна е проблем, а од друга страна е предизвик за конкретно дејствување во градовите. Сето ова, доаѓа до израз и во градовите од посттранзицискиот период коишто се среќаваат со урбани, социолошки, економски, демографски и политички промени, додека пак истовремено се соочуваат и со естетски и идентитетски кризи низ кои го губат духот. Со тоа се менува и перцепцијата на човекот кон сопствениот град со што се губи и меморијата на градот



[1] Богдановиќ Б. (2011), „Градот и иднината“, едиција „Градот“, книга 5, Темплум, Скопје.

04

Градот Струга е типичен пример како еден мал езерски град се соочува со сите овие предизвици. Менувајќи се со природен тек на настани, преку стотици години, градот еволуира низ промените кои се таложат во него и му даваат тежина и меморија и на тој начин градот функционира низ времето. Меѓутоа, целиот склоп на гореспоменатите промени, сега,  предизвикуваат т.н. „урбана револуција“, преку просторно-урбанистичките промени, демографските и социјалните промени, кои динамично го потресуваат градот со што се губи неговиот идентитет, а со тоа и заемниот однос на жителите со својот град.

1.struga denes

Идентитетот на градот – прашања и насоки

Идентитетот на градот Струга претставува однос помеѓу самиот град и жителите на градот. Тој однос се објаснува преку поимите „Идентитет на местото/градот“, (анг. Identity of place) и „идентитет заснован на местото“ (анг. place identity). Двата поими ги објаснуваат важните димензии на односот помеѓу градот (местото) и човекот (жителите).

Од сегашната состојба на градот Струга и според објаснувањата за градски идентитет, произлегува дека Струга се соочува со проблем околу дефинирањето и  поимањето на терминот „идентитет“. Тоа се должи на зголемениот демографски раст кој резултира со неконтролиран урбанистички раст на градот.

Со идентитетот на градовите се занимавале многу истражувачи од повеќе дисциплини, секој со посебен пристап во рамките на својата професија. Според Кевин Линч, секој градски идентитет има две страни, едната е внатрешна, а другата е надворешна. Внатрешната страна го претставува идентитетот како самоперцепција и доживување на самите граѓани на градот. Надворешната страна ја претставува сликата на градот – претстава, перцепција на сите останати луѓе кои не живеат во градот[2]. Богдан Богдановиќ вели: „Секој град во себе истовремено носи, видливи и невидливи, два града. Секогаш во себе мора да го носи градот – десен и градот – лев, градот – машки и градот – женски, и мора истовремено да биде и невидлив и видлив.“[3]

Струга во себе, ја има приказната за внатрешни два града, како физички – поради поделбата од реката, така и културно-социолошки – поради мултикултурниот карактер кој е испреплетен во секојдневното живеење на граѓаните. Постепено, Струга ја губи оваа придобивка, меѓутоа, тоа е и предизвик – како да опстои таа карактеристика и како да започне културна ревитализација на изгубеното?

03

Култура, паметење и меморија на градот

Кога се разгледуваат историјата и меморијата во еден мал град, во овој случај Струга, важни концепти се поврзаните термини „културна меморија“ и „колективна меморија“. „Културна меморија“ претставува колективно разбирање на минатото гледано од одреден социокултурен контекст, додека „колективна меморија“ претставува културна меморија на една заедница, како дефинирачки елемент на нејзиниот идентитет[1]. Две локации, кои претставуваат важни историско-културни белези на градот преку кои се осознава и разбира духот на местото се: чаршијата во Струга и реката Црн Дрим.

Како појдовна точка може да се каже дека градот Струга е конституиран од повеќе урбани и природни носители на меморијата. Во историската меморија на градот останува дека тоа е езерски град со езерски пејзажен карактер, што е најзначајна карактеристика. Во колективната меморијата е останато дека без разлика што градот е поставен на езерото, сепак Струга е град на реката Дрим.

5. drim

Процесите на формирање на населби во средновековието, со слични природно- географски услови може да се забележат и во Венеција која е формирана во 12 век. Компарирајќи ги урбо-морфолошките карактеристики на двата града, се забележуваат многу сличности, а главна карактеристика е тоа што каналите се длабоко испреплетени во урбаната ткаенина.



[1] Halbwachs M. (1980), “The Collective Memory”, New York: Harper & Row Colophon Books.

 

7. karta Venecija

Карта на Венеција во 12 век        

8.karta struga

Стара карта на Струга[1]

Струга имаше свое ехо, кое се разбрануваше во пазарните денови како и од звуците на чаршијата. Денес, изместена е „градската фреквенција“ и наместо пријатните градски звуци – градско ехо, доминира бука во секој дел од градот.

Каде во минатото се заостанати вредностите на урбаното живеење? И додека ние бараме да се сетиме на нашето минато, јагулите таа меморија ја чуваат во својот код при нивното патување за мрестење од Струга до Сараготското Море, а потоа младите јагули се враќаат во Струга. Милан Кундера истакнува: „Постои тајна врска помеѓу бавноста и сеќавањето, помеѓу брзината и заборавањето… Степенот на бавноста е директно пропорционален со интензитетот на памтење, степенот на брзина е директно пропорционален со интензитетот на заборавањето.“[1] Денешните експанзионистички процеси во Струга се пропорционални со интензитетот на заборавањето и со недефинирање на градските промени, коишто треба да се случуваат во мирен, последователен развој.



[1] Kundera M. (1966), “Slowness”, New York: Harper Collins Publishers.

Предизвици за зачувување или губење на градскиот идентитет

Градскиот простор на Струга, во денешно време претставува еден комплексен мозаик кој ги отсликува сите начини и потреби на граѓаните и промени коишто се одвиваат секојдневно со голема брзина. Оттука, и формата на градот Струга, секојдневно се изобличува и придонесува до неконтролирано ширење, па дури и до „вшмукување“ на поранешните приградски села коишто сега се физички во составот на Струга, а од друга страна, во својата суштина и организација, функционираат како села. Тоа на директен начин влијае и на измена на идентитетот на градот.

Промените кои доаѓаат од економијата и од политиката секако влијаат на урбаното функционирање на градот. Новите технолошки процеси и глобализацијата секако имаат големо влијание. Тие, ако се плански внесени во процесот на урбанизацијата придонесуваат за иден развој, но во Струга само се вклопуваат во целокупниот урбан метеж.

Архитектурата, според науката, мора да ги штити и зачува спомените, како и да ја зачува автентичноста и независноста на човековото искуство. Суштински, како уметничка форма на еманципација, архитектурата прави да разбереме и памтиме кои сме. Чаршијата денес ги губи препознатливите занаети, а градска архитектура секојдневно исчезнува. Сѐ повеќе се потиснува од новите градби, па опасноста да остане само на старите фотографии станува сѐ пореална. Сѐ уште на старите градби можат да се забележат бондрук конструкциите кои оставаат и посебен уметнички впечаток, но иако изгледаат чудно, сепак упорно му пркосат на забот на времето. Вернакуларното наследство може да се земе како форма во архитектурното обликување на градот и заедно со мултикултурната традиција на Струга да биде последователен тек на функционирањето на градот, насочено кон современиот начин на живеење и зачувување на сопствениот градски идентитет.

10.arhitektura

Мемориски форми на домување

9.korito crn drim

Пејзажна меморија 

Во период од 20 години, повеќе од 80 % од старото јадро е целосно уништено. Преку дозволи за надградби и доградби на објекти кои се наоѓаат на првата линија во градската чаршија, како и покрај кејот на реката Црн Дрим, систематски се уништува градскиот пејзаж и силуетите на градот.

Просторите каде што се нагласени елементите на традицијата го зголемуваат колективното паметење, тие во себе го носат идентитетот, а влијаат и на групната идентификација којашто првенствено мора да се заштити, ревитализира и урбано да се продолжи. Тоа може да се постигне со воведување на нови урбани вредности коишто ќе овозможат нови симболи во градските простори и ќе бидат продолжение и надополнување на историскиот развиток на животот на Струга. Преку интервенциите во културата и архитектурата се рефлектираат и материјализираат идеите и сликите што ги имаме зачувано од минатото на Струга и можеме да го најдеме одговорот, како и начинот на помирување меѓу самите себеси и помеѓу различните култури.

Автор: м-р Дамјан БАЛКОСКИ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top