Стрип центарот на Македонија, со седиште во Велес, примен е во асоцијативното членство на Европскиот форум на илустратори. Тоа е слободна мрежа на непрофитни организации и во неа членуваат асоцијации од разни земји од Европа. СЦМ – Велес е првата членка на оваа организација од балканските земји.
И веднаш по приемот, Стрип центарот предложи и е отворена процедура за вклучување на организации од регионот како Албанија, Косово и други.
Според промоторот на Стрип центарот Томе Трајков, вклучувањето во мрежата следи по добиена покана од Бордот и претставува солидна можност за остварување на натамошни меѓународни контакти на македонските стрип-автори.
„Впрочем, без лажна скромност, ние досега како организација преку Интернационалниот стрип-салон и други интернационални проекти отворивме многу врати за соработка со други земји. Тенка е границата помеѓу илустраторството и стрипот, односно повеќе стрип-авторите се и илустратори. Единствената разлика, според нив, е тоа што секој илустратор не умее да црта стрипови, а секој стрип-цртач е и добар илустратор“, рече Трајков.