Австриската фирма „Страбаг АГ“ склучи договор со македонското Министерство за култура да го изведе внатрешното уредување на новиот објект на Македонската филхармонија.
Вредноста на договорот со вклучен ДДВ изнесува 1,6 милијарди денари или речиси 27 милиони евра. Две фирми се пријавиле на тендерот објавен од Министерството за култура, но австриската компанија понудила пониска цена за околу една милијарда денари.
„Страбаг“ ќе треба во рок од 16 месеци комплетно внатрешно да ја уреди новата зграда на Македонската филхармонија, што ги подразбира сите градежни, градежно-занаетчиски, ентериерни и инсталатерски работи во објектот.
Изградбата на објектот на Македонска филхармонија извесно време беше во стагнација затоа што претходната фирма која беше ангажирана, австриската „Алпине Бау“, прогласи банкрот, па Министерството за култура му довери на скопски „Гранит“ да ја заврши изградбата на објектот.