Насловна / Арт и дизајн / Stockholm Design Week 2025 и новиот нордиски наратив

Stockholm Design Week 2025 и новиот нордиски наратив

Stockholm Design Week 2025 се одржа од 5 до 11 февруари, распространувајќи се низ различни локации во срцето на главниот град на Шведска, повторно ставајќи го скандинавскиот дизајн во центарот на глобалното внимание.

Од долгоочекуваните претставувања на нови производи на Stockholm Furniture Fair до авангардни изложби и интерактивни инсталации низ целиот град, настанот беше предводен од иновативноста и од одржливоста. Посетителите имаа можност да го искусат најдоброто од современиот скандинавски дизајн, преку повеќе од 250 изложби и инсталации поставени низ галерии, студија, музеи, продавници и јавни простори.

Најголем интерес привлече традиционалниот Stockholm Furniture Fair во областа Älvsjö, каде што се претставија над 500 изложувачи, вклучувајќи етаблирани скандинавски брендови и нови, прогресивни дизајнери. Со години, скандинавскиот дизајн беше синоним за минимализам, функционалност и природни материјали, но годинава сведочевме на поинаков тренд – смела игра со контрасти и неочекувани изрази.

Најновиот нордиски наратив ја реинтерпретираше традицијата, внесувајќи дигитална технологија во класичните техники на изработка. Така, видовме мебел што реагира на движење, текстил што ја менува бојата во зависност од температурата и светлосни инсталации кои комуницираат со луѓето. Покрај тоа, беа организирани работилници и панел-дискусии, каде се анализираа најновите трендови и перспективи во дизајнот, со посебен фокус на одржливоста и на технолошките иновации.

Ова издание на Stockholm Design Week потврди дека скандинавскиот дизајн не е статичен – напротив, тој постојано се преиспитува, експериментира и прифаќа нови концепти, отворен за динамични интерпретации.

Новиот нордиски наратив не ја негираше традицијата, туку ја прераскажа на еден послободен и похрабар начин. Наместо совршено избалансирани ентериери и веќе познатата формула на одржлив мебел од природни материјали, оваа година сведочевме на експериментална игра со форми и со текстури – груби површини споени со елегантни линии, топли тонови што пулсираат во дијалог со студената индустриска естетика и скулптури што повеќе личат на уметнички инсталации отколку на традиционален мебел. Забележлива беше и смелата употреба на бои, со поп-ап ефекти што внесуваат нова енергија во просторот. Неутралните нијанси беа комбинирани со живописни акценти, создавајќи динамични, но хармонични композиции.

Во срцето на промената на Stockholm Design Week 2025 беа независните студија и експерименталните изложби, кои храбро ги споија традиционалните занаети со врвната дигитална технологија. Дизајнерите создаваа мебел што реагира на движење, паметни текстили што ја менуваат бојата и светлосни инсталации што комуницираат со луѓето. Оваа година, скандинавскиот дизајн зборуваше гласно, со енергија што ја надмина скромната естетика која некогаш го дефинираше.

Иновацијата беше присутна на секој чекор. Дизајнерот Никлас Рунесон за Älvsjö Gård создаде маса со нозе инспирирани од опашката на дабар, воведувајќи неочекуван елемент во традиционалниот мебел. Финскиот институт и Nordiska Museet ја претставија изложбата KÄPÄÄ, каде традиционалните занаети се испреплетеа со современи дизајнерски концепти, внесувајќи нова енергија во познатата скандинавска естетика.

Финското дизајнерско студио Astrid претстави смирувачки текстили кои ја трансформираа просторијата, создавајќи атмосфера на топлина и движење. Францускиот дизајнер Фај Тоогуд, како гостин на годината, ја претстави инсталацијата MANUFACTURE, која го истражуваше потеклото и трансформацијата на објектите низ процесот на создавање.

Брендовите кои беа дел од Stockholm Design Week 2025

Настанот привлече бројни познати домашни и интернационални брендови, како и независни дизајнери. Дел од брендовите што го одбележаа Stockholm Design Week 2025 се: Muuto, Andreu World, Forato, Johanson, Pilke, Brutowork, Bolon, Skandiform, Materia, Public Studio, NewWorks, Enkei и многу други. Нивните иновативни пристапи и уникатни концепти уште еднаш докажаа дека скандинавскиот дизајн постојано се развива и адаптира на новите глобални трендови.

Еволуцијата на скандинавскиот дизајн, прикажана на Stockholm Design Week 2025, ја потврди неговата способност да ги надмине традиционалните граници и да создаде нови, смели перспективи. Интеракцијата меѓу традицијата и иновацијата, занаетчиството и технологијата, природните и индустриските елементи, создаде платформа за свежи идеи и за уникатни интерпретации. Оваа година, скандинавскиот дизајн не само што ги почитуваше своите корени, туку и храбро зачекори кон иднината, докажувајќи дека неговата приказна продолжува да се пишува со сè поголема слобода, креативност и експериментирање.

Автор: Ангела СТЕФАНОВСКА, дипл. инж. арх.

Фото: Селма БУЛИЌ

Испрати коментар

Scroll To Top