И покрај покренатата иницијатива од граѓанскиот сектор, која доби поддршка и од Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), за заштита на објектот ресторан „Парк“ на брегот на Охридското езеро како архитектонско и културно наследство од уривање, поради изградба на четирикатен хотел, како и покрај укажувањата за нерегуларности поврзани со случајот, инвеститорот веќе пристапил кон демонтирање на покривната конструкција.
Во врска со градежните активности на објектот реагираше и министерката за култура и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО, Ирена Стефоска со официјално соопштение.
„Очигледно дека општините Охрид и Струга немаат волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано во УНЕСКО. Оттаму, ќе иницирам пред Владата да се разгледа можноста за одземање на ингеренциите на овие општини.
Во делот на надлежностите на Министерството за култура, на одговорност ќе бидат повикани Завод за заштита на спомениците на културата и музеј- Охрид како и Управата за заштита на културното наследство“.
Стефоска во изјава за Слободен печат пред десетина дена упати најостра осуда за непочитувањето на препораките на реактивните мониторинг мисии на УНЕСКО и на прекршувањето на Законот за управување со светското и природното културно наследство на Охридскиот регион, како и на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион за случајот во кој Општина Охрид дозволила уривање на вреден објект од охридското културно наследство на само 50 метри од езерските води и на негово место изградба на четирикатен хотел.