Откако проектот Bosco Verticale доби бројни пофалби, италијанското студио Stefano Boeri Architetti, ширум светот постојано проектира згради прекриени со растенија. Нивниот придонес во популаризација на овој тренд е многу значаен, а за најновиот проект студиото најавува користење на илјадници растенија и стотици дрвја. Според авторите на проектот, ова може да се спореди со евгетацијата која се наоѓа на еден хектар шума. Изградбата на облакодерот наречен The Wonderwoods Vertical Forest привршува, а покрај него ќе се најде уште еден помал. Лоциран во Утрехт, Холандија, повисокиот облакодер ќе има височина од 105m и во него ќе се најдат 200 станови од различен тип и 15.000m2 деловен простор. Од Stefano Boeri Architetti истакнуваат дека на терасите ќе има големи жардињери со околу 10.000 растенија и 300 стебла, па станарите ќе може навистина да уживаат во зеленилото. Овој урбан екосистем е инспириран од Националниот парк во Утрехт и ќе може да произведе околу 41 тон кислород годишно.
Уште една предност, според авторите е пригушувањето на бучавата кое го обезбедуваат овие растенија. Тие ќа ја заштитуваат зградата и од загревање во текот на летото, па трошоците за климатизација ќе бидат пониски, а ќе имаат и значително влијание врз микроклимата. Како и кај сличните проекти од ова студио, за зеленилото ќе се грижат „летечки градинари“ кои ќе се спуштаат од врвот на зградата. Сеуште не е објавено дали ќе постои систем за собирање на дождовницата, како што тоа е случај во претходните проекти од ова студио. Проектот треба да биде комплетно завршен до средината ан 2024 година.