На денешното отворање на 11. Меѓународен саем на градежништво, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, посочи дека градежништвото како сектор бележи раст од 33 отсто минатата година. Паралелно со Саемот на градежништво денеска беше отворен и четвртиот по ред Саем за недвижности RealExpo.
„Тоа покажува дека градежништвото имаше инзвонредно значајна улога во растот на македонската економија и тоа не е случајно. Тоа е поттикнато со многу мерки, активности и потези кои ги прави и приватниот сектор и Владата во насока на поддршка на градежната активност и на инвестициите во овој сектор“, истакна Ставрески, додавајќи дека од Буџетот на Република Македонија за 2014 година се издвоени 365 милиони евра за релизација на капитални инвестиции.
Над 300 компании и инвеститори од Македонија, регионот и пошироко, ќе ги понудат своите услуги и производи на овогодишниот Саем за градежништво, а организаторите очекуваат над 15.000 посетители.
На саемот на недвижности ќе се понудат над 3.000 станови во Скопје, Охрид и во Струмица од повеќе домашни и од една странска компанија, ќе бидат промовирани нови објекти, како и поволни услови за купување станови преку кредити од комерцијалните банки.
Со поедноставените услови за добивање на градежни дозволи, како што нагласи Ставрески, Република Македонија е меѓу најуспешните во Европа во делот на едноставноста на добивање на градежни дозволи.
„Со задоволство можеме да констатираме дека голем број македонски фирми се вклучени во релизацијата на капиталните проекти што се финансираат од буџетот, а исто така и голем број фирми ја искористија можноста во овој период да градат станбени згради и објекти за индивидуално домување или други објекти во деловен простор, коишто со добрата почетна цена на земјиштето, со едноставноста на добивање на градежни дозволи и со можност за реинвестирање во нови инвестиции, претставуваат силен импулс за развој на градежништвото и на македонската економија“, рече Ставрески.
„Меѓународниот саем за градежништво претставува престижна манифестација на која учествуваат најдобрите и нуди експресни решенија за комплексни ситуации поврзани во сите области“, рече извршниот директор на Саемот за градежништво, Даниела Глигоровска.
Годинава за првпат ќе биде организирана и наградна игра „Награда за надоградба“, со која на најсреќните посетители ќе им бидат доделени вредносни ваучери од 700, 500 и 300 евра во денарска противвредност, кои ќе можат да ги искористат за производи од програмата на изложувачите на Саемот на градежништво 2014.