Инфраструктурни проекти во вредност од околу два милиони евра ќе се реализираат во Охрид. Почетокот на реализацијата на проектите, за кои Владата обезбеди средства преку Светска банка, го означија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.
Обраќајќи се пред присутните на означувањето на почетокот на реконструкцијата на улицата „Питу Гули“ Ставрески нагласи дека станува збор за средства од 128 милиони денари, наменети за изградба на околу пет километри локални и регионални патишта, изградба и реконструкција на шест улици во градот и два кружни тока за регулирање на сообраќајот на главната сообраќајна артертија – булеварот „Туристичка“.
– Сакам да истакнам дека овие капитални инвестиции не се единствените што се реализираат во градот. Очекувам за една година да се комплетира проектната документација и студиите за заштита на животната средина за изградба на патот до Пештани и инвестиции во изградба на болницата „Свети Еразмо“, универзитетскиот комплекс и други инвестиции насочени кон подобрување на ликот на градот Охрид – рече Ставрески.