Светот пред два дена го прослави денот во кој се потсетуваме на историската борба на жените за еднакви права и можности.
Иако светот како глобално општество генерално веќе постигна значителен напредок во однос на минатиот век, глобалната состојба се уште е далеку од совршена.
Дека жените се уште не се во иста позиција како и мажите, сакале да истакнат и челниците на компанијата State Street Global Advisors, кои во соработка со маркетинг агенцијата McCann од Њујорк поставиле бронзена статуа на девојче во центарот на финансиската област. Авторка на делото е Kristen Visbal.
Девојчето стои во одлучна поза, храбро пркосувајќи му на светот и времето во коешто живее, притоа гледајќи директно во познатата скулптура Charging Bull, еден од најпознатите уметнички симболи на градот. Статуата наречена Fearless Girl, има за цел да предупреди на големата разлика во бројот на мажи и жени кои се на високи позиции во американските компании.