Премиерот, неколку министри во Владата, евроамбасадорот, градоначалници и функционери, го означија почетокот на изградбата на втората фаза од новиот експресен пат од Градско до Прилеп. Делницата во должина од 16 километри која почна да се гради, ги поврзува Градско со Дреново. Изградбата на оваа делница е финансирана со средства на ИПА2-програмата за поддршка на Европската Унија.
„Во иминатите години ЕУ инвестираше скоро 325 милиони евра во подобри патишта, железници и целокупната транспортна инфраструктура во земјава. Над 100 км автопатна мрежа е изградена или обновена. Освен тоа 64 км локални патишта и 16 км пруга. Конективноста и транспортот остануваат остануваат високо на агендата на ЕУ и во иднина“, вели Самуел Жбогар – амбасадор на ЕУ во Македонија
Постоечкиот пат од Градско до Прилеп е еден од најфрекфентните, но и најнебезбедните патишта во земјава. Тука постојано се случуваат сообраќајни несреќи со фатални последици. Според министерот за транспорт Горан Сугарески, експресниот пат ќе се гради по сите безбедносни и технички стандарди што дава сигурност дека безбедноста за сообраќај ќе биде на највисоко ниво. Во наредниот период, тој најави градежна експанзија во патната инфраструктура.
„Само оваа година ќе бидат инвестирани 270 милиони евра во изградба и реконструкција на над 60 патни правци“, вели Горан Сугарески – министер за транспорт и врски
Експресниот пат Градско – Прилеп почна да се гради пред две години. Првата фаза од Дреново до Фариш ја следеа низа контроврерзии, од неисплата на изведувачот, до археолошки наоѓалишта и еколошки проблеми. За третата и последна фаза, годинава ќе се бира изведувач. Патот чини 60 милиони евра, а треба да биде готов за две години.