Старото градско јадро на Кратово, со закон е прогласено за културно наследство од особено значење.
Законот што на предлог на Министерството за култура го донесе Собранието на Република Македонија, ќе обезбеди правна рамка за постабилен и поодржлив континуитет во зачувувањето, проучувањето и ревитализацијата на македонското културно наследство.
–
Со донесувањето на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Кратово за културно наследство од особено значење, ќе се уредат клучните прашања во поглед на заштитата на оваа споменична целина, како што се: идентификацијата на заштитеното добро, називот, категоријата, границите и контактната зона, режимот на заштита и управувањето на доброто, соопшти Министеството за култура.
Градот Кратово со своите историски, архитектонски, урбанистички, градителски, уметнички, етнолошки и социолошки карактеристики и вредности кои ги поседува, се смета за еден од најзначајните споменици на културата на Република Македонија.
Инаку, ова е четврти закон со кој една споменична целина во Република Македонија добива највисок степен на заштита. Во изминатиот период со посебни закони беа заштитени Старата скопска чаршија, градовите Охрид и Крушево, а во фаза на изработка е и предлог-законот за прогласување на Старото градско јадро на Битола за културно наследство од особено значење.