Тенгку Мохамад Али Манзор 15 години неуморно собира шишиња кои лебдат на малезискиот брег на Јужното кинеско море. Досега има подигнато повеќе од девет илјади и сега ги изложува во традиционална дрвена куќа што ја претворил во музеј.
Шишињата ги има во различни форми и големини, од сите делови на светот и се наредени на полиците или на подот.
“Почнав затоа што сакав морето да биде чисто. Не сакам луѓето да се исечат на стакло и не сакам светот да биде преплавен со стакло “, изјавил тој во неговото село Пенарику, каде што има куќа во близина на музејот.
Неговата опсесија започнала во 2005 година кога видел како децата користат празни шишиња за да пукаат пиротехника.
Загрижен дека скршеното стакло ќе повреди некого, тој им рекол дека ќе им плати за секое шише што ќе го најдат. А подоцна децата се вратиле со петстотини.
Потоа и самиот почнал да собира шишиња на плажите. Само подоцна, како што растела неговата колекција, тој одлучил да отвори музеј.
Посетителите постојано доаѓаат кај него, а тој тврди дека ќе продолжи да чисти се додека е жив.
Тој вели дека луѓето мислат дека е луд, но не му е гајле.