Насловна / Архитектура / Станислава Оверхолт: Три генерации жени архитекти

Станислава Оверхолт: Три генерации жени архитекти

Веројатно ретко кое семејство на Балканот, а и пошироко во светот, може да се пофали со три последователни генерации градители коишто покриваат период од околу 100 години во рамките на два века, а уште повеќе кога станува збор за три последователни генерации на жени градители, како што е случај со лозата Гановиќ – Газикаловиќ –  Газикаловиќ – Жупан – Жупан – Оверхолт. Архитект Станислава Оверхолт (моминско Жупан), родена е во Скопје, дипломирала во 1983 година во Скопје, и е трета генерација жена архитект во своето семејство, по мајка ѝ Нада Жупан (моминско Газикаловиќ, родена во Белград, дипломирала во 1952 година во Белград) и баба ѝЈелица Газикаловиќ (моминско Гановиќ, родена во Шабац, дипломирала во 1925 година во Белград).

IMG_1365_resize

архитект Јелица Газикаловиќ

Но, само со подетално гледање на работите може да се согледа вистинскиот придонес на ова пошироко семејство кон градителското наследство на просторите на Северна Македонија, СФРЈ и Кралството Југославија. Дедото на Станислава Оверхолт, бил градежниот инженер Чедомир Газикаловиќ (роден во Скопје, дипломирал во 1922 година во Белград), градел на просторите на Кралството Југославија вклучително со територијата на денешна Македонија, каде и живеел, во Велес во текот на 1930-тите години. Неговите браќа, помладиот, архитектот Стеван Газикаловиќ (роден во Скопје, дипломирал во 1927 година во Белград), жиевеел и работел во Скопје, и постариот, градежниот инженер Драгољуб Газикаловиќ (роден во Скопје, дипломирал во 1920 година во Белград), исто така дале свој придонес кон градителското наследство на овие простори.

IMG_1308_resize

архитект Нада Жупан

Сестрите на Нада Жупан исто така биле инженери: Радмила Тољевиќ (дипломирала во 1958 година во Белград) била градежен инженер, додека Ружица Ристивојевиќ била рударски инженер. Се разбира, и татко Александар Жупан (роден во Струга, дипломирал во 1949 во Белград) е познат македонски архитект. Веројатно придонесот на семејството може најдобро да се согледа преку фактот дека три претставници на семејството: братот на дедото Стеван Газикаловиќ, таткото Александар Жупан и мајката Нада Жупан се влезени во првата книга на Градителите на Македонија од професор Георги Константиновски.

Пошироко семејство со пет архитекти и три градежни инженери, во три генерации, од кои четири жени, може да се смета веројатно како реткост, особено со оглед на периодот во којшто повеќето дипломирале и работеле.

Оваа интересна приказна во разговорот специјално за Порта 3, кој го водеше д-р Владимир Б. Ладински, архитект, ќе ни ја раскаже архитект Станислава Оверхолт.

IMG_0987_resize

архитект Станислава Оверхолт

Сето ова е истовремено извор на голема гордост, но веројатно и исклучителен предизвик, за некого како Вас, архитект Оверхолт, обидувајќи се да ја продолжите семејната традиција. Дали може да ни кажете како се соочивте со овој предизвик, со оглед дека никогаш не е лесно да се достигнат или надминат успесите на претходните генерации?

И гордост и предизвик, точно. И тие беа присутни уште од првите училишни, а потоа и факултетски денови, всадени во моите гени. Меѓутоа, јас не бев фокусирана на нив, туку на она што беше пред мене, на задачите кои ми претстоеја и кои сукцесивно ги совладував. Ми беа истовремено и поттик и инспирација.

Со оглед дека сте трета генерација жена архитект во Вашето семејство по Вашата мајка и по Вашата баба, дали може да ни кажете нешто повеќе за тоа во колкава мерка тие придонесоа за изборот на Вашата професија, како и да ни кажете нешто повеќе за нивното видување за придонесот кон професијата, особено од аспектот на жените архитекти?

Можам слободно да кажам дека и баба ми и мајка ми зрачеа со креативност, истрајност, и трудољубивост, едни од атрибутите кои се дел од нашата професија. Мојата нана, како што  ја викавме баба ми, иако не била професионално активна, таа несебично им ја пренела љубовта кон архитектурата и кон техничките науки на своите три ќерки.  И не само тоа, туку и уште една голема животна порака до нејзините ќерки: „Секоја жена треба да биде финансиски независна, без разлика на нејзиниот статус, дали е мажена или не.“  Тоа и беше, и сè уште е порака која се пренесува низ нашата фамилија. Ова, како поттик за сите жени, по повод месецот на жената.

Се сеќавам на нејзините акварели и цртежи, малку необично за жените од „тоа време“.  Тука, морам да истакнам, дека големо влијание имал и дедо ми, кој  постојано користејќи ги географските карти, ја инспирирал мајка ми како ученичка да го засака предметот географија, за подоцна и таа да работи со нив како урбанист.

IMG_2498_resize

архитект Нада Жипан со ќерката архитект Станислава Оверхолт

Мајка ми беше основоположник, прва генерација жена урбанист на ниво на тогашна СРМ.  Голема и одговорна работа, и предизвик кој подготвено го прифатила. Се сеќавам на нејзините урбанистички планови за општините, а се сеќавам и на нејзините зборови: „Секој знае да повлече сообраќајница, па како ќе испадне“.

Нејзиното мото беше дека вештината во проектирањето урбани средини е да се проектира според современите потреби на градовите/општините, а притоа да се сочуваат постојните згради од рушење колку што е можно повеќе. Да се биде и креативен и економичен. Така својата љубов кон урбанизмот, знаењето и искуството прво им ги пренесе на своите помлади колеги, а подоцна и мене, за што сум и вечно благодарна.

За разлика од Вашето пошироко семејство, се чини дека сте се решиле да ги надминете границите на овие балкански простори и сте се обиделе  творечки да се искажете во рамките на пошироката меѓународна средина. Веднаш по дипломирањето на Архитектонскиот факултет во Скопје му се придруживте на сопругот во Шведска, за потоа да се вратите во неговата татковина Калифорнија, САД, и подоцна да го отворите и Вашето биро. Дали може да ни кажете нешто повеќе за Вашето професионално искуство во овие подалечни земји, и тоа особено за односот кон жените во професијата, за разликите во професионалниот пристап воопшто, но и за разликите во однос на тоа како се гледа кон професијата од пошироката јавност?

Шведска како социјалдемократска земја, беше, а верувам и дека и сè уште е наклонета кон поддржување, промовирање на жените и на нивното професионално присуство како и придонес во општеството. Благодарение на тој пристап, ја добив и мојата прва работа во познатата ФФНС компанија. Јас бев многу убаво прифатена од моите колеги, јазикот бргу го совладав, и бргу се вклопив во нивниот систем. Работевме на нови повеќекатни станбени згради, како и на реконструкција на стари постојни згради.

IMG_8724_resize

доградба на главна спална соба со бања и гардероба, Алтадена (2021)

Пристапот кон проектирањето е едноставен и е базиран на складот/рамнотежата меѓу природата и човекот, како и примена на современата технологија, каде климата ја диктира градежната сезона, која е релативно кратка. Природата како таква станува интегрален дел од секојдневниот живот, па така и заштитата на човековата средина, воопшто во нордиските земји е веќе Мodus Оperandi со децении.

За тоа како Шведска ги поддржува жените, е фактот дека мајката добива година дена породилно отсуство, и прима 90 % од платата која ја примала дотогаш, а таткото е обврзан да земе шест месеци отсуство од работа и прима исто така 90 % од својата плата за тој период. Нивните работни места привремено се пополнуваат со нови работници итн. Таму ни се роди и синот, па и јас ги почувствував придобивките од тој систем.

IMG_2646_resize

куќа во Алтадена од 1911 година на чија модернизација работи Оверхолт (сега)

Доаѓањето во САД беше во стилот Hic Rhodos, Hic Salta! Покажи што знаеш! Разликите беа очигледни на многу нивоа во споредба со Шведска. Сепак јас се вработив месец дена по пристигнувањето во Сан Францсико, а мајка ми, која ни се придружи на ова патешествие, се грижеше за внукот.

Тоа беше и првото искуство за тоа како системот работи, или не, зависно од приликите.  Жените се секако присутни во полето на архитектурата, но се вообичаено помалку платени од нивните машки колеги, 15 до 20 отсто.  Бенефициите за жените се незначителни, па се често оставени сами да се снаоѓаат кога се работи за семејни потреби.

IMG_2642_resize

цртеж, Пасадена плејхаус, Оверхолт (1998)

Моето прво искуство беше во Генслер анд Асошиетс, каде што работевме и на приватниот и на меѓународниот аеродром на Саудискиот принц Фахд.  Познавањето на метричкиот систем и употребата на рапидографи беа секако корисни. Ова беше фантастично искуство, да се работи со најпознатите архитекти и дизајнери каде што парите не играат улога!  Клиентот беше тој кој го диктираше стилот кој архитектите и дизајнерите го прифатија.

Американската динамична економија налага постојани промени во проектирањето со цел да ги задоволи потребите за развој и ефикасност. Плејада од различни архитектонски стилови, викторијански, занаетчиски, медитерански, тудорски, нормандиски, модернистички, современи, распространети се по градовите, во зависност од тоа од каде дошле доселениците, а потоа истите се доградувале и се ширеле како претпочитан стил.  Ова е доста карактеристично за станбената архитектура, и секако беше ново „откритие“ за мене, што се однесува до тоа каде нешто стилски „припаѓа“ или не, базирано на нашите дотогашни пуристички гледања.

IMG_2242_resize

доградба на главна спална соба и гардероба, Алтадена (2019)

Општествените и административните згради кои главно потекнуваат од крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век, како што знаеме се во стилот на неокласицизмот, Чикашката школа, арт деко, модерната, а често се и еклектични, во последно време се мета на компаниите коишто се занимаваат со развој на недвижен имот.  Тука не само професионалците, архитекти и дизајнери, туку и поширокото население учествува на јавни расправи, пишува петиции до надлежните органи, и често пати напорите да се сочува одредено архитектонско наследство имаат позитивни резултати. Ова исто така се однесува и за приватните куќи, изградени од познатите архитекти со површини од 200 до 300 квадратни метри, кои се заменуват со macmansionsкичести вили од 2.000 до 11.000 квадратни метри!!! На овој начин граѓаните го изразуваат своето незадоволство, право на јавен коментар, и придонесуваат во заштитата на културното наследство.

DSC_0579_resize

внатрешно уредување, куќа во Јужна Пасадена (2015)

Калифорнија, како 5-та економија во светот, се соочува со свои предизвици, високи трошоци на живеење, климатски промени, пожари, број на бездомници кој константно се зголемува, така што архитектите/градителите имаат значителна улога во решавањето на овие прашања.

Сведоци сме на резултатите од пандемијата која ги натера сите да се размислат како и од каде ќе работат, дали ќе се вратат во градовите до кои патуваат со часови, или ќе работат од дома, ако е можно, што беше досега карактеристично главно за жените. Постои и хибрид варијанта, работење и од дома и од канцеларија, па така должностите кои традиционално ѝ припаѓаа на жената, сега ќе може да се споделат дома меѓу членовите на семејството.

IMG_2226_resize

ентериер за жена уметник, Алтадена (2019)

Голем акцент се ставан на „California Green Build“, на заштита на средината, па така инсталација на соларни панели, рециклирање градежни материјали, примена на локални производи, или примена на производи од рециклирани материјали, се водечки елементи во дизајнот. Како архитекти, наша должност не е само да проектираме, туку и да ги едуцираме клиентите кои се конечни корисници на нашите проекти.

IMG_3438_resize

полица за гитари, Алтадена (2019)

Како жена архитект, која имала исклучителна можност да работи во професијата и во Европа и во САД, а и подолго време раководи со свое сопствено биро можете ли да ги споделите видувањата за Вашето професионалнo искуство и да дадете одредени насоки за идните генерации жени архитекти и воопшто архитекти од Северна Македонија и пошироко?

Јас веќе 23 години работам во моето биро од дома, што ми овозможи истовремено и да се грижам за децата, а и да бидам професионално активна. Работам на приватни куќи, доградби, реновирање ентериери, кујни, бањи и мали комерцијални проекти. Активна сум и во локалните организации за заштита на историското наследство во Пасадена и Лос Анџелес.  Нашата професија е „слоевита“, има полно гранки кои човек може да ги развие, благодарение на широките и солидни темели на кои се базира.

IMG_2322_resize

ентериер на гостинска куќа, Алтадена (2018)

Бидејќи архитектурата е динамична дисциплина, исто така треба да се остави место и време за континуирано образование за да се биде во чекор со технолошките иновации, производи, материјали.

Инаку, најголемо задоволство е кога клиентот е задоволен со резултатот, па се чувствува дека е во ред да ве препорача на своите пријатели. Ова се однесува на сите нивоа без разлика на големината на проектот или на компанијата.

IMG_5218 (1)_resize

семејството Оверхолт (од лево кон десно) арх. Станислава, синот инж. Александар, вереницата на синот, адвокат Лорен Ирби, ќерката д-р Астрид со миленичето Боди и сопругот, економист Пол

На крај, како поздрав до сегашните и идните генерации архитекти, би сакала само да го потврдам она, што го спомнав на почетокот, дека љубовта кон професијата е таа која нè води напред. Јас ја стекнав преку моите родители, моите нана и дедо, за што сум им вечно благодарна. Градежната лоза продолжува преку синот кој е дипломиран градежен инженер од Универзитетот на Калифорнија во Сан Диего, додека ќерката која малку „застранила“ од традицијата е лекар специјалист анестезиолог. Мојата внука Силвија Жупан е графички дизајнер и работи во Скопје, па семејната традиција продожува.

Секој има своја животна патека, нема шаблони, но на сите им посакувам да бидат истрајни и искрени кон себе и кон патот кој го избрале, а успехот нема да изостане. Срдечни поздрави!

Станислава Оверхолт

Разговорот го водеше д-р Владимир Б. Ладински, дипл. инж. арх.

н_resize

три генерации жени архитекти

Испрати коментар

Scroll To Top