Проектите од Олимпијадата во Сочи беа во фокусот на внимание на јавноста во светот, а особено на тие од натпреварувачката област. Порта 3 на неколку наврати се вклучи во нивно претставување. Но еден извонреден објект беше заборавен. Денес со задоволство ви го презентираме – „капијата“ на Олимпијадата, станицата „Олимписки парк“.
Тимот на арх. Никита Иавеели – Студио 44 ја добива работата во март 2010 год. и за месец и половина го презентира идејниот проект кој потоа го одобрува Советот на архитектура. Се разбира, проектот ги прифаќа во своето решение и постојните веќе почнати објекти на патничките платформи и некои пропратни објекти на станицата.
Покрај убавината, станицата мора да задоволи и многубројни основни функции, удобност и лесна ориентација, како и организација на сите текови на сообраќајот. Најдолното ниво се приодите до железничката и автобуската станица како и приодите за приватни и службени возила. На горната платформа на ниво 6.3 е пешачкиот и јавниот простор, кој води до влезот на Олимпискиот парк, срцето на Олимпијадата во Сочи.
Внатрешната организација е со мулти-левел фазен карактер, со неколку нивоа на кои се разни сервисни услуги, банки, трговија, кафеа, како и соби за ВИП. Особено се импресивно решени врските меѓу нивоата, како и ентериерот со обилно користење на познатиот Ерменски травертин.
Спектакуларноста на кровната конструкција е постигната со примена на цевасти профили и поцинкуван лим, во хармонија со енергетско ефикасни стаклени површини. Просторот е светол и отворен кон прекрасната околина. Посетителот со сите позитивни чувства се подготвува за пристап кон Олимпискиот парк и неговата спектакуларност што ја доживеавме сите за време на одржување на Олимпијадата во Сочи годинава.
Користејќи ги сите денешни достигнувања на полето на еколошки и енергетско ефикасни научни сознанија, проектот станува прв во Русија кој е сертифициран по меѓународен стандард БРЕЕАМ за животна средина. Вреди да се види и доживее овој прекрасен објект во Сочи.