Насловна / Градежништво / Стандардизирање на сувата градба

Стандардизирање на сувата градба

suva gradba

„Групацијата за сува градба при Стопанската комора на Македонија бара градбата со сувомонтажни системи со гипсени плочи да се регулира со нормативи како дел од подзаконската регулатива за градење“, информира денес на прес-конференција Иван Слафоски, претседател на Групацијата за сува градба.

Според него, Групацијата подготви технички нормативи, по теркот на европските земји, кои ќе ги достави до Министерството за транспорт и врски со цел да станат дел од подзаконската регулатива за градење. „Целта е нормативите што ќе се базираат на важечките европски стандарди да станат дел од регулативата за да може да се заштитат интересите на инвеститорите, проектантите и на изведувачите на сува градба“, рече Слафоски.

„Нормативите ќе обезбедуваат висок квалитет, изготвување македонски називи за поединечните системи за сува градба, дефинирање на описните текстови и утврдување точни правила за мерење кон кои ќе се придружуваат сите учесници во градбата. Со тоа ќе се обезбеди правилна понуда за изведба на системите за сува градба и арбитража и изведба на самите градежни работи, истакна Слафоски.

Воведувањето правилници, како што рече, ќе биде примарна цел на Групацијата, а ќе се формира и комисија за квалитет којашто ќе ги следи и мотивира фирмите за квалитетна изведба.

Изведувачите на сува градба најчесто се ангажирани при изградба на нова градба и при реконструкција на каков било објект од високоградбата, кои претставуваат 77 проценти од вкупно добиените дозволи за градење во минатата година.

Податоците на Здружението за градежништво при Стопанската комора покажуваат дека во Македонија се произведуваат гипсани производи од над 10 милиони метри квадратни, наменети за домашниот и за пазарите во соседните држави. Извозот изнесува околу милион евра и се реализира во Србија, Косово, Албанија и Црна Гора. Вредноста на увозот е 950 илјади евра, а најчесто е од Австрија, Бугарија, Унгарија, Романија и други држави.

Испрати коментар

Scroll To Top