Насловна / Вести / Стандардизацијата е централен столб во економската и индустриската активност

Стандардизацијата е централен столб во економската и индустриската активност

DSC_9894

Интервју со Соња Черепналковска, Лилјана Хаџиевска-Антовска и Весна Поповска

Што подразбира современата стандардизација?

-Мо­дер­на­та или како што вие ја нарековте современата стандардизација произлегува од индустријализацијата и е упра­ву­вана од желбата за поголема продуктивност и ефикасна ало­ка­ци­ја на ресурси. И стандардите, и процесот на стандардизацијата, ста­наа единствена инфраструктура за економски и социјален развој. Тие функ­ционираат како платформа за технолошки иновации и ин­дус­три­ски развој. Стандардизацијата е плод на Индустриската револуција и претставува модерно орудие за спра­вување со предизвиците на 21 век. Со неа се пос­тиг­ну­ва редукција на различностите, сигурност на материјалот, поврзување на мрежи – интероперабилност, безбедност, олеснување на трговијата, подобро управување.

Стандардизацијата помага во развојот на бизнисот и ст­ра­те­гии­те на компаниите, преку воведување на стандарди внатре во самата ком­панија заради поквалитетни производи и поголема продуктивност.

Основни цели на современата стандардизација се осигурување, дека производот, процесот или услугата се со­од­вет­ни за нивната намена, здравје, безбедност и заштита на животната средина, еко­номичност и ефикасност, економична употреба на ма­те­ри­јал­ите, а сè со цел да се отстранат бариерите во трговијата, коензистентна употреба на терминологија, симболи и ре­фе­рент­ни документи.

Какви сè тела за стандардизацијa постојат?

-Современата стандардизација се одвива на повеќе нивоа. Меѓународна стандардизација која е активност во областа на стан­дар­ди­зацијата во која се вклучени соодветните тела за стан­дар­ди­зација од државите членки на меѓународната заедница, и тоа Меѓународната организација за стандардизација – ISO, Меѓународната електротехничка комисија – IEC,  додека прва и најстара меѓународна организација за стандардизација е ITU  – Меѓународната Унија за телекомуникации, порано позната како Меѓународна Унија за телеграф.

Европската стандардизација, пак, е активност во областа на стан­дар­ди­за­цијата во која се вклучени соодветните тела за стан­дар­ди­за­ција од европските држави. Во втората половина на 20 век, формирани се Европскиот комитет за стандардизација – CEN, Европскиот комитет за електротехничка стандардизација – CENELEC и Европскиот институт за телекомуникациски стандарди – ETSI.

Регионална стандардизација е активност во областа на стан­дар­дизацијата во која се вклучени соодветните тела за стан­дар­ди­зација од земјите што припаѓаат на одреден географски, по­ли­тички или економски регион.

Национална стандардизација е активност во областа на стан­дар­дизацијата што се спроведува на ниво на поединечна др­жа­ва.

Каде е Македонија на полето на стандардизацијата? Дали нашите стандарди се совпаѓаат со меѓународните и европските или, пак, кај нас ситуацијата е поинаква?

 -Во март 2003 година, основан е Институт за стандардизација на Ре­пуб­ли­ка Македонија, како посебна јавна установа (ИСРМ), врз основа на За­ко­нот за стандардизација и Одлуката на Владата на Република Македонија.

Целта на ИСРМ е да се воспостави, раководи и одржува национален сис­тем на стандардизација, којшто ќе одговори на потребите од областа на стандардизацијата на пошироката заедница. Преку еднакво претставување на сите заин­те­ре­сирани страни во работата на техничките работни тела на ИСРМ и нивното учество во подготовката на македонските стандарди, ИСРМ овоз­можува транспарентност на постапката за подготвување на ма­ке­дон­ските стандарди. Воспос­та­ву­вај­ќи партнерски односи со органите на државната управа, во рамките на ИСРМ се усвојуваат и се издаваат македонски стандарди за поддршка на техничкото законодавство.

По однос на прашањето дали нашите стандарди се совпаѓаат со меѓународните и европските, одговорот е да. ИСРМ ги презема европските и меѓународните стандарди со индосирање и во референтната ознака го додава префиксот МКС. По однос на европските стандарди ИСРМ во чекор ги следи сите новини и промени, и таа бројка обично се движи над 98 отсто на прифатени европски стандарди. Во оние области каде нема европски и меѓународни стандарди се креираат изворни македонски стандарди.

Каква е постапката за подготовка на стандарди и стандардизациски документи?

-Подготовката на стандардите без разлика дали тие се меѓународни, европски или национални, се базира врз основните принципи консензус, отвореност, транспарентност, национална посветеност и техничка кохерентност. Стандардите не ги подготвуваат телата за стандардизација, туку експертите од дадената област, организирани во технички тела. Телата за стандардизација имаат задача да ја координираат и организираат работата на  техничките тела и да осигурат примена на основните принципи.

Подготовката на стандардите се состои од неколку фази. Првата фаза е предлог за подготовка на стандард кој го доставува која било заинтересирана страна до националното тело за стандардизација. Втората фаза опфаќа постапка на прифаќање на предлогот од соодветните технички тела. Доколку станува збор за подготовка на стандард на европско ниво, Националните тела за стандардизација ги стопираат сите национални активности кои се од делокругот на предложениот проект, тие не иницираат нови проекти ниту ги ревидираат постоечките национални стандарди во таа област. Третата фаза е подготовка на нацрт текст на стандардот од страна на експертите од техничкото тело. Откако овој нацрт текст биде одобрен од техничкото тело, следува четвртата фаза на ставање на стандардот на јавна расправа. Во текот на оваа фаза, секоја заинтересирана страна може да коментира и да дава сугестии на нацрт текстот на стандардот. Овие собрани коментари се анализираат од страна на техничкото тело и на основа на нив се подготвува финална нацрт верзија. Во оваа фаза пет, финалниот нацрт стандард се става на формално гласање. Претпоследната фаза шест е публикување на стандардот. Кога станува збор за европски стандард, тогаш тој во рок од шест месеци откако е публикуван на европско ниво мора да биде усвоен на национално ниво. Националните тела за стандардизација членки на ISO, немаат обврска да ги усвојуваат сите меѓународни стандарди, туку само оние за кои има интерес. Со цел да се обезбеди актуелност на стандардите, тие се ревидираат во рок од пет години од денот на нивното објавување, што е фаза седум.

Во книгата „Основи за стандардизацијата и сродните активности“, што пред неколку месеци ја промовиравте, зборувате за инфраструктурата за квалитет, што сè таа опфаќа?

-Инфраструктурата за квалитет, со сите свои компоненти, обезбедува сообразност на производите и услугите со задолжителните барања, заштита на интересите на потрошувачите и бизнисите, и придонесува во одржувањето на квалитетот на производите и услугите. Системот за инфраструктура за квалитет ги вклучува стандардизација, акредитација, метрологија, оцена на сообразност и надзор на пазарот.

Акредитација е формално признавање на оспособеноста за извршување на одредени активности. Во постапка за акредитација може да се вклучат сите лаборатории кои изведуваат тестирање или калибрација, тела за сертификација на производи, системи и персонал и инспекциски тела. Метрологијата е воспоставување на прецизно, веродостојно и докажливо мерење. Една од најважните задачи на метрологијата е да ги остварува, да ги чува и одржува националните еталони и со калибрација или меѓулабораториска споредба да ја обезбедува нивната следливост. Оцената за сообразност е процес за усогласеност со основните барања, утврдени во релевантните директиви, односно законски и под законски прописи. Типични примери на активностите од оцена на сообразност се земање примероци, лабораториски испитувања, инспекција, верификација, сертификација. Надзор на пазарот ги вклучува активностите на државните органи, кои имаат задача да следат дали сите производи, кои се пласираат на пазарот, се во сообразност со одредбите на релевантната легислатива. Органите за надзор на пазарот ќе вршат надзор преку документацијата, а доколку е потребно и физички и лабораториски контроли, врз основа на соодветни примероци. Додека пак Стандардизацијата е централен столб, а стандардите се ва­жни алатки со кои се служат управувачките структури во орга­ни­за­ции­те, ка­ко и алатки кога производот го обликуваме, испитуваме или сер­ти­фи­цираме, и не само за производот, туку и кога се работи за тех­но­лош­ки или производствени сис­теми, или системи за давање услуги.

Каква е улогата на Светската трговска организација во глобализацијата на стандардизацијата?

-Светската трговска организација – СТО е единствената меѓународна организација која се занимава со глобалните правила на трговијата меѓу државите. Нејзината улога е да осигура  полесно функционирање на трговијата, на очекуван начин и слободно.

Додека, пак, стандардизацијата игра фундаментална улога во економската и индустриската активност. Светската трговска организација преку Спогодбата за технички бариери во трговијата (ТБТ) има значајна улога во обезбедување на механизам преку кој спроведувањето на одредени видови на стандарди станува потранспарентен.

Техничката регулатива и стандардите се важни за развој во многу области, за заштита на животната средина, заштита на потрошувачите од небезбедни производи, но тие можат да се разликуваат од држава до држава. Постоењето на премногу различни стандарди им отежнуваат и на производителите и на извозниците, и тие можат да предизвикаат пречки во трговијата. Со Спогодбата за ТБТ, дадено е правото државите сами да одлучуваат за донесувањето на стандардите, за кои тие сметаат дека се соодветни, како и да преземаат мерки за да осигураат дали тие стандарди се исполнети, но притоа да внимаваат, да не создаваат непотребни пречки во трговијата. Спогодбата, исто така, охрабрува земјите да ги користат меѓународните стандарди како глобално прифатливи, но притоа не ги обврзува да ги променат нивните нивоа на заштита како резулатат на стандардизацијата. Согласно Спогодбата, владите на сите земји-членки на СТО се обврзани да воспостават Национални контакт точки кои имаат за задача да ги нотифицираат националните технички прописи или стандарди, кои не се базираат на меѓународните стандарди, до останатите членки. Воедно, во оваа спогодба е вклучен и Кодекс за добри практики за подготовка, усвојување и примена на стандардите од страна на националните тела за стандардизација.

Сите ние, секојдневно се среќаваме со знакот „СЕ“ на производите. Може ли накратко да ни кажете што значи тој знак?

-Да, овој знак се среќава на многу производи во нашето опкружување, вклучувајќи од компјутери, до апарати за домаќинство, заштитна облека и опрема, медицински помагала. На знакот „СЕ“ подлежат сите призводи кои се опфатени со Директивите на ЕУ од Новиот приод. И оваа ознака „СЕ – Conformity European“, покажува дека производот е сообразен со суштесвените барања на европската регулатива, со оваа ознака се укажува дека производот е безбеден и дека производителот ги следел потребните процедури за оцена на сообразноста. Производите што ја имаат оваа ознака можат слободно да циркулираат низ целата европска економска област.

 

 

 

 

 

 

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top