Именуван какоYOAP White House, објектот зазема аголна парцела во сеулскиот дистрикт Бангбае. Локацијата се одликува со должина од 20 м и ширина од 8 м, па затоа за корејското студио Design Band YOAP основен предизвик претставувал дизајнот на петкатна резиденцијална зграда, обезбедувајќи доволно простор за да се сместат осум студија и еден полуксузен апартман.
Екстериерот на објектот е малтерисан во бела боја и се карактеризира со серија од засечени агли кои отвораат можности за дополнителни наклонети прозорски отвори, како и вовлечена кровна тераса.
Како контраст на монохромниот екстериерен израз, ентериерот е декориран со примена на живописни бои. Ѕидовите во коридорите се обоени во доминантна сина и зелена боја, додека пак скалишниот простор е обоен во жолта нијанса.
Влезните сегменти до секој стан се потенцирани со црвена боја, означувајќи ја трасата на движење низ асиметричната внатрешност.
Секој апартман се одликува со симплифицирано организирана основа, на таков начин што ниеден од деветте апартмански простори не попречуваат помеѓу себе.