Млада архитектонска двојка и основачи на бирото Тактика, ја споделија приказната за реновирање на стан во Белград за лични потреби.
Интервенцијата подразбирала реконструкција и реновирање на станбен простор изградени во првата половина на минатиот век. Како што наведуваат архитектите, „трансформацијата на затечената состојба беше потполна“.
Од работнички до современ
Станот е изграден во рамки на блок од доцните 1930-ти и раните 1940-ти како типичен работнички стан.
Оваа станбена единица од 53 метри квадратни е еднострано ориентирана кон северозапад, со темен влезен ходник и две одвоени соби.
„Една од тие две соби оригинално беше кујна со остава, додека другата соба се користела како повеќенаменски простор“, велат архитектите.
Иако новото решение е радикално различно од оригиналното, архитектите внимателно ги повториле принципите на модерната архитектура.
„Новопроектираното решение се заснова на отворен план кој обединува различни програмски целини, и овозможува нивно раздвојување со лесни прегради во вид на завеси“, додаваат архитектите, сопственици на станот. Иако атрактивни и флексибилни, преградите од овој тип се многу лоши за акустична удобност во станот.
Станот е проектиран за сегашните и идните потреби на станарите. Како таков, овозможува планирани промени во согласност со растот на членовите на домаќинството.
Радикално реновирање
Интервенциите при реновирањето на станот биле значителни. Волуменот и осветленоста на просторот се зголемени со откривање на ситноребреста меѓукатна таваница, a бетонот станал составен дел од ентериерот.
Отстранети се преградните ѕидови, како и сите врати освен онаа на бањата. Со ова се нагласува отворениот план и овозможува подобро осветлување на целиот простор. По промените, организацијата на станот сега се состои од комбинација на отворен простор и полукружна врска околу бањата.
„Пристапивме на проектирањето, дизајнот, изборот на мебел и изведувањето на работите како на сеопфатен процес кој излегува од рамката на стандардизирани и вообичаени станбени ентериери“, посочуваат архитектите.
Освен спалната соба, целиот под во станот е направен од бело терацо – чиешто изведување било особено предизвикувачко.
Изборот на керамички плочки со мали димензии, вертикално ориентирани, има тенденција визуелно да го зголеми инаку скромниот простор на бањата. Истиот ефект е повторен во зона на кујната и кујнскиот остров.
Како што наведуваат архитектите, засведените површини и завесите се контраст на чистите прави линии на бетонскиот таван и на станот воопшто и го прават просторот попитом.
Mid century мебел
„Изборот на мебел го надополнува чувството за дом, и покрај современите парчиња, на пример Ethnicraft, содржи и безвременски југословенски дизајн од половинат на 20 век, како што се фотелјата Моша од Бернард Бернарди и Рекс столиците на Нико Краљ“, напоменуваат архитектите.
Вградениот мебел е проектиран та за максимално да ја зголеми употребната вредност на станот и да овозможи негово флексибилно користење во иднина.