Станот се наоѓа во срце на Тел Авив, во зграда од времето на Баухаус, изградена во 1937. година и е дел од архитектонското наследство на градот, а се наоѓа на 300 метри од плажа. Станот е реновиран по проект на израелското проектантско биро WE-architects со седиште во Тел Авив.
Архитектите велад дека кога прв пат влегле биле воодушевени од зградата и нејзините скали и не можеле да останат рамнодушни на високиот таван и природната светлина во самиот стан.
Станот бил занемарен и не бил реновиран откако е изграден. Неговиот распоред бил типичен за 30-тите. Мала затворена кујна, две многу пространи простории (едната функционира како дневна, а другата како спална соба), поврзани со покриена тераса. Бањата и тоалетот биле одвоени. Во новиот распоред, кујната е споена во дневната соба, формирајќи еден отворен простор, а бањата е зголемена и во неа е вметнат тоалетот.
Новата кујна е минималистичка и супер-практична. Се состои од две крила: едното е порамнето со ѕидот, а другото е кујнски остров и трпезариска маса.
Компактната дневна соба овозможува значителни можности за седење благодарение на дополнителните столици кои обично се наоѓаат на тераса. Од дневната соба директно се влегува во работната соба.
Спалната соба е преплавена со природна светлина. Архитектите тука се соочиле со конструктивен проблем, морале да го појачаат и зголемат постоечкиот столб. Ја искористиле настанатата ситуација, поставувајќи го заглавието на креветот околу столбот, а во просторот помеѓу столбот и креветот формирале место за складирање и полици покрај креветот.
Прозорецот на спалната соба е на неговото оригинално место, за да не биде блокиран од плакарот, дизајнирана е ниша во која продира природна светлина, создавајќи место за зеленило.
Бањата се наоѓа на аголот од станот, каде некогаш бил полуотворен балкон. Областа за туширање е на крај, па затоа е постојано преплавена со светлина.